Македонија
Петкоска до власта: Што уште треба да нè снајде за конечно да се сервисираат авионите за гаснење пожар?
„Денес ќе поставам 3 пратенички прашања, од кои првото е до претседателот на владата – Димитар Ковачевски, но доколку имаме покомпетентен претставник од владата, може слободно да даде одговор на првото прашање, второто прашање е до министерката за култура – Бисера Костадиновска-Стојчевска и третото до министерот за транспорт и врски Благој Бочварски“, истакна пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Лидија Петкоска, на собраниската седница за пратенички прашања.
„Првото прашање се однесува на пожарите кои беснеат низ државата, а вашата власт не може да се организира и да ги изгасне. Иако најлош начин за учење е да учите од грешките, за жал ниту ланските грешки не ве освестија да ја научите лекцијата и конечно да покажете грижа. Како и ланското лето, така и оваа година, сезоната на пожари ја дочекуваме целосно неподготвени. Сите сме сведоци на фактот дека институциите не реагираат на време и поради неажурноста на надлежните, горат големи површини шума“, рече Петкоска.
Петкоска посочи дека пожарите ги извадија на површина сите слабости на системот за брза интервенција и спречување на катастрофалните последици од пожарите.
„Моето конкретно прашање е до каде е сервисот на авионите за гаснење пожари и зошто сè уште не е направен или уште поконкретно, што уште треба да нè снајде за конечно да се сервисираат авионите за гаснење пожар“, праша пратеничката.
„Второто прашање до министерката за култура се однесува на Министерството за култура и управата за заштита на културното наследство. Имено, во изминатиов период од половина година вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство, непрекинато ги извршуваат своите работни обврски кои подразбираат креирање нови културни политики, изработка на стручни анализи и стратегии за подобрување на состојбите во културата. Но, за жал, кога е во прашање подобрувањето на нивниот статус во насока на валоризирање на нивниот труд, работите очигледно не одат како што треба“, појасни Петкоска.
„Оттука, моето конкретно прашање до Вас министерке е до каде е постапката за потпишување на Колективниот договор за вработените во Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, што вие како министер за култура имате преземено до овој момент за негово потпишување, односно за подобрување на состојбата за зголемување на платите и за подобрување на статусот на вработените во Министерството за култура и во Управата за заштита на културното наследство“, запраша пратеничката Петкоска.
Пратеничката третото прашање го постави на министерот Благој Бочварски, за кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид – Струга.
„За да ви биде појасно министре Бочварски, ве информирам дека во текот на амандманската расправа на ребалансот на буџетот поднесов амандман за изградба на велосипедска патека Охрид – Струга со кој побарав 10.000.000 денари. Амандманот беше прифатен во видоизменета форма и за оваа цел се доделени само 3.000.000 денари, односно средства кои би биле доволни само за изработка на основен проект. Од таа причина, ме интересира кога охриѓани и стружани можат да ја очекуваат комплетно завршената велосипедска патека Охрид-Струга? Не случајно го поставувам ова прашање министре, со најискрена надеж дека оваа патека нема да ја доживее судбината на автопатот Охрид – Кичево“, нагласи Петкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

