Македонија
Петкоска: Парламентарното мнозинство да го изгласа предлог-законот за трговија
Предлог-законот за трговија, односно законот познат како недела неработен ден кој ние како Пратеничка група го поднесовме, а владејачкото мнозинство го измени и го претставува како нивен закон, никако да се изгласа. Имено, ги помина сите собраниски процедури и треба само да биде изгласан, изјави Лидија Петкоска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ.
Предлог-законот предвидува туристичките места да можат да работат в недела и за време на државни празници.
Таа додаде дека останува нејасно кои точно места се сметаат за туристички согласно Законот за туристичка дејност бидејќи во законот поимот „туристичко место“ е премногу општо дефиниран и според него буквално секое место во државата може да се смета за туристичко.
Предлог-законот ги помина собраниските процедури на 25мај, што значи дека туризмот и туристичките места ги трпат последиците од неодговорното парламентарно мнозинство кое ако беше навистина загрижено за туризмот и туристичкиот развој овој закон досега ќе беше изгласан и ставен во сила.
Сакаме да потсетиме дека туристичката сезона е веќе почната и дека не смее да се прават дополнителни одложувања на носењето на овој важен закон. Последици трпат сите туристички места, туристите и секако државата.
Апелираме до парламентарното мнозинство сериозно да пристапи кон овој закон бидејќи и тие самите го поддржуваат и заедно да го изгласаме за колку толку остатокот од туристичка сезона да биде спасен, изјави Петкоска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Долно Соње, од продавнивницата кон село Чифлик, општина Сопиште.
Македонија
Поради снег забранет сообраќај за камиони на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан
Од 05.15 часот поради врнежи од снег се воведува забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Граничен премин Ќафасан, извести АМСМ.
Поради протест на грчките земјоделци, од денес (08.01.2026) со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Продор на постуден воздух, температурите ќе бидат во опаѓање
Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 0 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 5 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер денеска врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање.

