Македонија
Петровска: Граѓаните имаат право на информации за депонијата во Свети Николе
Граѓаните имаат право на целосни информации што ќе значи санитарната депонија во Свети Николе, изјави државниот секретар за животна средина и просторно планирање Ана Петровска, која присуствуваше на 26. Вонредна седница на Советот на општината.
Министерството за животна средина и просторно планирање го презентираше проектот со посебен осврт на техничките карактеристики на централната инсталација и придобивките за животната средина од ваквото управување со отпад наспроти, како што посочуваат од Министерството, посточкиот неорганизиран систем. Петровска изрази задоволство што проектот со кој, како што вели, ќе се воспостави современиот систем за управување со отпад во 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион и општина Свети Николе и за кој се обезбедени средства преку ИПА-фондовите на Европската Унија, конечно продолжил и е доведен во фаза кога треба да се почне со набавка на камиони, контејнери и изградба на централниот објект.
Според Петровска, ако досега се разговараше со доносителите на одлуки, отсега па натаму се отвора процесот на транспарентно вклучување на жителите во процесот на донесување одлука и ќе се разговара со граѓаните сè додека не се обезбедат доволно информации што една ваква депонија, за која во Македонија немаме пример, ќе значи за локалното население, на регионално ниво, но и на национално ниво. Таа вели дека овој процес на транспарентна консултација со засегната јавност ќе продолжи сè додека не се одговорат сите прашања и не се разрешат сите недоумици кои произлегуваат од стравот дека изградбата на ваквата санитарна депонија ќе наштети на локалните органски земјоделци, на подземните води или на амбиенталниот воздух.
На седницата, покрај членовите на Советот на општината присуствуваа и претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, претставници од месните заедници Мустафино, Ерџелија, Немањица и Мечкуевци како и претставници на граѓански здруженија од Овчеполието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

