Македонија
Петровска детаљно за новиот Закон за вработените во одбраната
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, на брифинг со претставниците на медиумите детаљно ги образложи одредбите од новиот Закон за вработените во одбраната за кој рече претставува силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. Информира дека во Министерството е формирана комисија, составена од членови на Синдикатот и на Министерството, која ќе ја следи примената на новиот закон и на донесениот колективен договор.
„Овој закон значи силна валоризација на трудот и местото на вработените во одбранбениот систем. За прв пат 32 години по осамостојувањето, вработените во одбраната, кои се составен дел од целиот систем имаат посебно законско решение, статус кој го заслужија со нивната работа, со нивната професионалност и нивната посветеност која во голема мера овозможи нашата држава да стане членка и целосно да се интегрира во Алијансата“, рече министерката во изјава по брифингот.
Петровска истакна дека ова е сеопфатен закон кој предвидува унапредувања според мерит системот, создавање на услови за развој на персонал кој ќе работи на НАТО позиции, менување на статусот на вработените од кои еден дел ќе бидат и овластени службени лица, како и можности за вработување, но и стипендирање на кадри кои за одбраната претставуваат критична специјалност.

Додаде дека Статусот на вработените се подобрува и преку зголемениот пензиски стаж, како и заминувањето во пензија со 80% од десетте најповолни години од пензискиот стаж. Предвидена е и можност за вработување без јавен оглас на лица со попреченост, како и можност за вработување без јавен оглас и на член на семејството на починат вработен во Министерството и припадник на безбедносните сили.
„Сите овие поволности се повеќе од заслужени, особено ако имаме предвид дека за работните места во Министерството предвидени се повисоки критериуми во однос на работните позиции кај останатите административни службеници“, рече министерката.
Со донесувањето на овој Закон кој се однесува на вработените и министерството, и со претходниот Закон за служба во Армијата за припадниците на Армијата, заклучи министерката, покажавме дека паралелно со интензивните вложувања во модернизацијата и опремувањето на Армијата, внимаваме и вложуваме во секој поединец кој се вложува себеси за безбедноста и одбраната на државата.
Претседателот на репрезентативниот синдикат, Независниот синдикат во одбраната, Ванчо Исајов, се заблагодари за донесувањето на Законот и на Колективниот договор, кои, рече, ќе го подобрат социјалниот статус на вработените во одбраната.
„Со овие два клучни документи се донесени и решенија за многу битни прашања за вработените во Министерството за одбрана и во Армијата“, рече Исајов. Упати порака да не се шират шпекулации за нивната имплементација и порача дека иако предвид треба да се земе изборниот законик, одредбите од Законот за вработените во одбраната и Колективниот договор се во сила и дел од овие одредби одложено ќе се применуваат.
Законот за вработените во одбраната беше донесен на 28 февруари со 97 гласа „за“ по неколкумесечна блокада во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

