Македонија
Петровска до Николоски: Спроведовте ли надзор над општина Чаир за дивоградбите?
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска, во рамките на седницата на Парламентот посветена на пратенички прашања, до министерот за транспорт Александар Николоски упати прашање дали наредил или спровел надзор во врска со законитоста на работењето на општина Чаир во областа на урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домувањето.
„На интернет страницата на Министерството, е објавен документ насловен како Нацрт Стратешки план 2025-2027. (…) Во истиот тој документ е наведено дека, во рамките на министерството постои еден сектор за управно – надзорни работи, кој ги врши работите кои се однесуваат на решавање по жалби и поднесоци на физички и правни лица од областа на изведувањето на градби, утврдувањето правен статус на бесправно изградените објекти, градежното земјиште итн, како и врши надзор над законитоста на работата на органите на општините, општините во градот Скопје и градот Скопје при остварување на нивните надлежности, кои се наброени“, рече Петровска.
Таа се осврна на објавите на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, за која рече дека презентира обвинувања за епски криминал, кои не се поврзани само со економски криминал, туку веќе имаат и елементи на загрозување на безбедноста и сигурноста на граѓаните и тие, во најгиолемиот дел, се однесуваат на незаконски постапувања од градоначалникот на општина Чаир.
„И бидејќи во ушите ни одѕвонува она: и брат да ми е, ќе одговара и нема веќе од партија се јавија и итн, ве прашувам, дали се помрднавте малку во врска со овие обвинувања? Или не Ви е брат, ама коалиционен партнер ви е. Дали проверивте што се случува во таа општина. Дали ја спроведивте вашата законска должност, надлежност за надзор, она за што сте платен од граѓаните? Она што го претходно прочитав, а го цитирав исклучиво од документот што го споменав се однесува на ваши ветувања, ваши писмени изјави, обраќања во кој самиот кажувате дека детално ќе ја утврдите актуелната состојба и ќе известите за реализираните активности во изминатиот период.
И затоа моето директно прашање до Вас е: Дали наредивте или спроведовте надзор над законитоста на работата на општина Чаир, во врска со урбанистичкото планирање, изведувањето на градби, бесправно изградените објекти, комуналните работи и домување“, праша Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.
Македонија
Потпишан Меморандум со највисоко рангираните универзитети во Македонија за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, објави Ѓорѓиевски
Градоначалникот на Град Скопје, заедно со највисоко рангираните универзитети во Македонија потпишаа Меморандум за соработка во рамки на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“, со што академската заедница официјално се вклучува како активен и рамноправен партнер во овој значаен европски културен процес, информираат од Град Скопје.
Со Меморандумот се потврдува јасната европска ориентација на универзитетите и нивната улога како двигатели на знаење, креативност и иновации, како и нивната општествена одговорност во развојот на заедницата. Вклучувањето во „Скопје 2028“ отвора можности за интеграција на културата во наставните и истражувачките програми, поттикнување на студентската креативност и младинскиот ангажман, развој на интердисциплинарни и меѓународни партнерства и зголемување на академската видливост на европско ниво.
Академската заедница останува посветена на активна, професионална и визионерска улога во реализацијата на „Скопје 2028“, со цел зајакнување на европските вредности, продлабочување на интеркултурниот дијалог и создавање одржлива, солидарна и креативна иднина за Скопје и Македонија.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.

