Македонија
Петровска: Над 60 отсто исплатени долгови во битолските училишта
Над 60 отсто од долговите во битолските училишта се исплатени, информира градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, на прес-конференцијата одржана во Општината.
„На самиот крај од 2017 година основните училишта имаа долгови од 180 милиони денари, средните имаа долгови од над 85 милиони денари или вкупно училиштата должеа повеќе од 4,3 милиони евра. Тоа значеше секојдневно соочување со можност за исклучена струја, проблеми со набавка на нафта за греење за децата, што се основни потреби, а за другите редовни потреби на секое училиште и да не зборувам. Проблем што го немаше ниту една општина во државата. Денес, по само една година и 9 месеци, долгот на училиштата е значително намален, и тоа во основните повеќе од 105 милиони денари или речиси 60 проценти од долгот, а во средните долгот се намалил речиси 56 милиони денари или над 65 отсто. Со други зборови, во овој период се исплатени повеќе од 2,6 милиона евра“, изјави Петровска.
Од осумте основни и двете средни училишта, кои беа блокирани, рече Петровска, остана само едно блокирано основно училиште, кое набргу ќе биде растоварено. Со парите што Општината ги исплати за наследените долгови можеше да се изгради еден затворен базен или да се набават 10 еколошки автобуси, додаде градоначалничката.
Дополнително, како што рече, Општината не само што за една година и 9 месеци отплатуваше нечии наталожени долгови туку во истиот период вложуваше инфраструктурно во образовните објекти, кои беа оставени на немилост, во катастрофална состојба, со руинирани училници и неупотребливи тоалети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и на Стража
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, извести АМСМ.
Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на планинскиот превој Плетвар, а до 80 метри на планинскиот превој Стража.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.
Македонија
Без струја денеска дел од Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00-15:00 часот дел од улицата Тиквешка, улицата Нов Живот, улицата Индира Гранди, улицата Брсјачка Буна, улицата Овчеполска, улицата Пелагонија, улицата Демирхисарска, улицата Злетовска, улицата Слан Дол, улицата Хаџи Јован Шишков, општина Шуто Оризари.

