Македонија
Петровска: Се поклонувам на храброста на украинскиот народ
„Му се поклонувам на украинскиот народ кој на светот му покажа дека љубовта кон сопствената татковина е посилна од оружјето на агресорот”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска, во своето обраќање на денешната конференција, “Украина – Година на хероизмот“ и го потенцира отпорот, пркосот, храброста на украинскиот народ кој во изминативе 365 дена даде силен одговор на руската агресија врз меѓународно призната, суверена и независна Украина.
Министерката истакна дека оваа невидена агресија во 21 век резултираше со одлучност не само на украинскиот народ туку и на заедништво и поддршка на Европа и Северноатлантскиот Сојуз.
„Ова е година на херојство во која украинскиот народ против целосната руска инвазија на Украина покажа што може за својата татковина. Но и година на единство и сојузништво на европскиот континент. Нашето единство е нашата најголема сила. Се трудеа да нè поделат, но го постигнаа токму спротивното. Ние сме пообединети и порешителни од било кога”, рече Петровска.
Министерката порача дека Северна Македонија водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право покажа дека е цврсто посветена на поддршката и помошта на Украина.
„Нашата помош и поддршка ќе ги има се додека Украина и Украинскиот народ не го остварат своето право, слободно да се движат и живеат на сопствената територија. Помагаме и поддржуваме затоа што силно веруваме во меѓународните принципи, но пред се на правото на живот и слобода”, истакна Петровска.
Министерката се осврна на разорните слики, уништувањето и агресијата, кои и сама ги посведочи за време на својата посета на Украина. „Вчера се вратив од Украина и во мене носам различни чувства. Ужасеност, бес и тага за тоа што го видов. Разрушени домови, уништени детски градинки, детски игралишта“ – рече Петровска.
„Ова не е само борба на Украина ова е борба за одржување на целиот меѓународен поредок, кој се заснова на правила и принципи. Слободата нема цена, исто како што нема цена и нашата поддршка и помош за Украина“ заклучи Петровска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

