Македонија
Петровска на форум за борба против дезинформациите: најдобар одговор на дезинформациите и лажните вести се транспарентноста и вистината
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска, учествуваше на панел-дискусија посветена на штетното влијание на дезинформациите и начините за справување со лажните наративи, што ја организира НВО „Нексус – граѓански концепт“, под покровителство на НАТО-девизијата за јавна дипломатија.
На форумот со наслов „Дезинформациите и руската агресија во Украина: закани, импликации и како да се спротивставиме на лажните и на погрешните содржини во Западен Балкан со фокус на Северна Македонија“, министерката Петровска се осврна на новата реалност во која денес на европска почва една европска суверена, независна и демократска земја е конвенционално нападната, а другите се соочени со канонада на лажни и извртени информации, чија основна цел е да ја поткопаат довербата во институциите, довербата во општеството во целина и кај граѓаните да предизвикаат чувство на страв и неизвесност.
„Дезинформациските текови во Западен Балкан укажуваат на поврзаноста меѓу странските штетни влијанија и домашните актери, кои користат дезинформациски наративи, чија цел е дестабилизација на регионот и попречување на европските и евро-атлантските интеграции на државите од Западен Балкан. Дезинформациите не се само медиумски проблем, тие се и безбедносен проблем“, рече министерката.
Најдобар одговор на лажните вести и дезинформациите, порача министерката, се транспарентноста и вистината, како и зацврстувањето на демократијата, владеењето на правото и јакнењето на довербата во институциите на државата.
„Во борбата со дезинформациите нема подобар одговор од транспарентноста и вистината. Нашето општество мора да функционира како еден организам, подготвен и способен да ги одврати дезинформациите. Мора цврсто да веруваме во нашата демократија и во владеењето на правото, да бидеме отворени и искрени во создавањето општество засновано на правата и одговорностите на секој поединец. Мора да продолжиме да градиме едно општество за сите и мораме да бидеме подготвени и спремни да ги прифатиме нашите различности бидејќи тие нè прават посилни“, порача министерката.
Петровска истакна дека Министерството за одбрана е во првите редови во борбата за вистината како најтранспарентна институција во државата заедно со Владата.
Дел од форумот беа и професорот Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО, професорот Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност, уредникот и новинар Васко Попетревски и Ненад Марковиќ, член на Советот за безбедност и универзитетски професор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.

