Македонија
Петровска – Танер: Стабилноста, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан се суштински за безбедноста на Европа
Министерката Славјанка Петровска денеска во Кремс се сретна со австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер, со која разговараше за потребата од интензивен дијалог и соработка во однос на безбедносните предизвици со кои се соочува континентот, како и за потребата од брза и ефикасна европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
„Австрија како непосреден сосед на регионот и одличен познавач на балканските прилики е директно засегната од потребата за ефикасна европска интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Стабилноста, безбедноста и просперитетот на земјите од Западен Балкан имаат големо влијание врз безбедноста на целиот континент“, рече министерката Петровска на состанокот.
Министерката истакна дека самиот факт дека седиштето на ОБСЕ е во Виена ја покажува силната посветеност на Австрија кон мултикултурализмот. Петровска се заблагодари за австриската поддршка во контекст на претседавањето на Северна Македонија со оваа организација во 2023 година, кое доаѓа во една комплексна безбедносна состојба на континентот.
Министерката Танер ја повтори заложбата на Австрија за поддршка на патот на земјите од регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија кон полноправно членство во Унијата, и истакна дека земјата ќе продолжи да биде активна во достигнувањето на оваа цел и во рамките на ЕУ, но и во регионот.
На средбата стана збор и за билатералната одбранбена соработка за која беше речено дека е особено интензивна. Министерките Петровска и Танер изразија подготвеност за уште посилна соработка, што може да се види и преку веќе усогласениот план за билатерална соработка за 2023 година, кој опфаќа повеќе области, меѓу кои и безбедносната политика, меѓународните операции и воената обука и едукација.
Како начин за зацврстување на соработката беше споменато и партнерството со Националната гарда на Вермонт, кое го реализираат и двете земји и кое отвора можност за дополнителни заеднички активности во одбраната, кризниот менаџмент, образованието и економијата.
Воената соработка помеѓу Северна Македонија и Австрија се реализира од 2006 година и таа е особено активна во однос на истражувањата на безбедносната и воена политика, размената на искуства во доменот на логистиката, воената обука и образованието и курсевите за операции за одржување на мирот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

