Македонија
Петрушевски: СДСМ започна со партиски реваншизам, притисоци и закани
Нервозата кај СДСМ поради лошиот резултат кој што го имаа на последните Претседателски избори излегува на виделина. Владејачкото мнозинство, соочувајќи се со пад на гласовите од 13.500 гласови за ова време кога се власт ги принуди да почнат партиски реваншизам, закани и притисоци врз граѓаните, особено оние кои се активисти и поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, изјави на прес-конференција, Бране Петрушевски – претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Куманово.
„Директорот на Подружница Кумановско – Липковско поле, при АД Водостопанство на Република Македонија, Оливер Илиевски, кој воедно е и Секретар на ОО на СДСМ Куманово, поднесува неосновани кривични пријави кон вработени во претпријатието. Тој се става во позиција на Јавен обвинител или инспектор во МВР, па врз основа на некакви изјави од вработените, на кои им е непосреден претпоставен, поднесува кривични пријави на членови на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е класичен политички притисок и реваншизам, на очајни партиски фигури во СДСМ кои се соочени со незадоволството на граѓаните“, рече тој.
„Впрочем граѓаните испратија јасна порака дека не го толерираат неработењето и непотизмот на СДСМ во Куманово. Токму овој носител на функција на СДСМ во Куманово не мрдна со прст да го направи ветениот цевковод кој требаше да го реши водоснабдувањето во Куманово, ама затоа не пропушти во епидемијата на непотизам да се вработат неговата сопруга Даниела Илиевска во МВР од 08.10.2018 година.
Сестрата на неговата сопруга, Јасмина Јовановиќ која е вработена во ЈЗУ Општа болница Куманово од 02.05.2018 година.
Првата братучетка на неговата сопруга, Катерина Ангеловска, вработена во Градинката Ангел Шајче, Патем за неа има и кривична пријава за фалсификување на записник на избирачки одбор од референдумот во 2018 година за која се уште не е процесирана.
Очигледно СДСМ ја нема сфатено пораката испратена од граѓаните на последните избори. Ваквото однесување на кадрите на СДСМ не оддалечува од Европската унија и европските вредности. Граѓаните заслужуваат многу подобро и наскоро доаѓаат убави времиња за Република Македонија. Ќе истраеме и ќе се избориме за правда и подобро утре за сите“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силна поддршка за американските мировни напори за Украина и Европа – Мисајловски со порака во седиштето на НАТО
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата во седиштето на НАТО во Брисел, на кој присуствуваа министрите за одбрана на сојузничките земји.
Мисајловски во денешното обраќање се осврна на целите, приоритетите и активностите кои се превземени од страна на Владата, Министерството за одбрана и Армијата во согласност со договореното од последниот самит на НАТО во Хаг, како и на единството на Алијансата кое денес е повеќе од потребно во зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање.
„Дури и во време на глобални геополитички промени, ако продолжиме да се фокусираме на она што нѐ поттикна толку енергично да се стремиме кон членство во НАТО со децении – потребата од мир, безбедност, стабилност, како предуслов за просперитет, како Алијанса можеме да го издржиме секој предизвик што ќе ни се најде на патот“, рече министерот.
Додаде дека нашата држава продолжува да го зголемува буџетот за одбрана, а со тоа останува и максимално посветена на осовременување на македонската Армија.
„За модернизација годинава се одвоени над 32,5 проценти од македонскиот одбранбен буџет што е далеку над она што е предвидено да биде согласно НАТО целите, односно одвојување на 20 % од одбранбениот буџет за модернизација“, рече Мисајловски. Веќе потпишаните договори со повеќе сојузнички држави успешно се заокружуваат, но имаме и тековни договори, кои посочи министерот дека придонесуваат за модернизирање и опремување на Армијата, за зајакнување на одбранбените капацитети, а со тоа и за зајакнување на колективната одбрана.
Мисајловски нагласи дека паралелно се инвестира и во човековите капацитети, а доказ за тоа е фактот дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група се одлично подготвени за НАТО оценувањето кое претстои во април оваа година.
Министерот додаде дека активно ќе продолжиме да партиципираме во мисиите и операциите предводени од НАТО и ЕУ како во рамки на источното крило на Алијансата, така и во рамки на KFOR и ALTHEA, сѐ со една цел, мир, стабилност, безбедност и просперитет за државите и граѓаните.
За време на состанокот министерот Мисајловски даде силна поддршка на мировните напорите на САД за воспоставување на мир во Украина и на Европскиот континент.
По завршувањето на состанокот министерот Мисајловски замина за Минхен каде ќе биде дел од македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски на претстојната безбедносна конференција која ќе се одржи од 13 – 15 февруари 2026 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со поддршка за Стојаноска, остро против Трендафилов: „Тој паничи оти е фатен жив во злоупотреба“
Пратеничката Лидија Петкоска, во име на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од собраниската Комисија за еднакви можности и од Унијата на жени на партијата, остро реагираше на постапките на претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во контекст на нападите кон пратеничката Дафина Стојаноска.
„Она што го видовме од страна на Трендафилов е директен атак, обид за замолчување и брутален притисок врз жена во политика,“ изјави Петкоска. Таа оцени дека нападот врз Стојаноска е класичен пример на мизогинија, во кој функционер се обидува да дискредитира жена само затоа што таа, како што рече, ја обелоденила вистината за злоупотребите во ССМ.
„Слободан Трендафилов е во тотална паника затоа што е фатен жив во злоупотреба на својата положба. Наместо да се соочи со одговорноста за тоа како и за што ги троши парите на работниците, тој избра да се крие зад емотивни манипулации и евтини политички драми“, рече.
Според Петкоска, Трендафилов се обидува да го пренасочи фокусот од прашањето за користењето на службеното возило за приватни цели, манипулирајќи со темата за семејството и децата. Таа истакна дека снимките се направени со заштита на идентитетот на малолетни лица и дека целта не била напад кон семејството, туку разобличување на „расипништвото“ и „двојните аршини“ на функционерот.
„Трендафилов е целосно нелегитимен претседател. Подгответе си ја оставката веднаш – Македонија веќе нема трпение за вакви ликови кои возат службени автомобили, а народот го лажат и повикуваат да оди пеш“, порача таа.
Петкоска повика и на итна истрага од Јавното обвинителство по допрен глас, со конкретни прашања: Колку пати службеното возило било користено за приватни цели? Колку гориво платено од членарини е потрошено за лични потреби? За што сѐ е злоупотребена функцијата?
ВМРО-ДПМНЕ истакнува дека стои зад пратеничката Стојаноска и бара институционална и јавна поддршка, а воедно изрази жалење што, според партијата, од Клубот на пратенички поддршка не била добиена – особено од неговата претседателка, пратеничката Јована Тренчевска.
Македонија
Николоски на средба со новата амбасадорка на САД: Постојат реални можности за интензивирање на соработката
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска оствари работна средба со Никол Варнс, вршител на должноста амбасадор на САД во земјава.
На средбата се разговараше за реализацијата на капиталните проекти со посебен фокус на изградба на автопатите Битола – Прилеп, Кичево -Гостивар (Стража) и Тетово -Гостивар.
САД се долгогодишен стратешки партнер и силен подржувач на Македонија во реформските процеси во државата, јакнење на институционалните капацитети, владеење на правото и борбата против корупцијата, беше истакнато на средбата.
„Стратешкото партнерство меѓу двете земји е гарант за обезбедување на стабилност во земјата и регионот, особено во услови на силни економски и геополитички потреси во различни делови во светот“, соопштија од Министерството.
Економските односи уште еднаш беа во фокус на разговорите каде беа потенцирани добрите трговски врски меѓу двете земји кои, како што се наведува во соопштението, бележат континуиран раст и се од огромно значење за деловната клима и инвеститорите.
Вицепремиерот Николоски ја нагласил силната заложба на Владата за економски развој преку реализација на крупните капитални проекти, со посебен акцент на регионалното поврзување и интеграција. Истакнал дека предвидените проекти на главните транспортни коридри ќе придонесат за зарбрзан економски и инфраструктурен развој во државата и регионот.
На средбата била нагласена и поддршката на САД во делот на размена на искуства и знаења во различни дејности.
„Двајцата говорници потеницираа дека постојат реални можности за интензивирање на економската и трговска соработката и во насока на добрите пријателски односи меѓу двете земји, истакнаа заедничка подготвеност за унапредување на соработката во области од заемен интерес“, соопшти Министерството.

