Македонија
Писмо од Макрон до Пендаровски: Можете да сметате на мојата целосна поддршка
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, испрати писмо до македонскиот претседател Стево Пендаровски.
„Ви благодарам за Вашето писмо по нашиот состанок во Лондон. Ја користам оваа пригода да Ви ги упатам моите најискрени желби за Вас и за Вашата земја и да ѝ посакам на Северна Македонија година на хармонија и натамошен напредок на нејзиниот европски пат.
Од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји пред триесетина години, Франција секогаш беше присутна во клучните моменти од вашата историја: преку Роберт Бадентер, кој учествуваше во изготвувањето на вашиот Устав, со работата на француските дипломати и војници, кои помогнаа да се спречи избувнување граѓанска војна во раните 2000-ти и помош да се склучи Охридскиот договор и, најпосле, во решавањето на вашиот спор со Бугарија.
Ви честитам за напредокот постигнат во изминатата година. Одржувањето на првата меѓувладина конференција за пристапување на 19 јули беше голем чекор за Северна Македонија. Го поздравувам и потпишувањето на 26 октомври на договорот Фронтекс со Европската Унија, со кој се признава македонскиот јазик, спомнат без забелешки, што покажува дека постигнатиот компромисен предлог целосно го почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет.
Можете да сметате на мојата целосна и континуирана поддршка во текот на пристапните преговори. Со задоволство набргу ќе дојдам во Северна Македонија, штом ми дозволи агендата, на датум што заеднички ќе го утврдиме како соодветен во поглед на политичката агенда.
Упатувајќи Ви ги повторно моите искрени честитки, Ве молам, господине претседател, да ги примите изразите на моето највисоко почитување“, се вели во писмото на Макрон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

