Македонија
Пленковиќ домаќин на Османи и Димитров: Влезот на Западен Балкан во ЕУ е директен интерес на Хрватска
Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ претставува и директен интерес на Република Хрватска, посочил хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, на средбата со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и вицепремиерот Бујар Османи во Загреб.
Според Пленковиќ, земјава е подготвена за почеток на преговорите и тој изразил надеж дека датумот ќе биде одреден во рамките на хрватското претседателство со Унијата.
Вицепремиерот Османи изразил благодарност за активниот пристап на Хрватска додавајќи дека новата методологија на Европската комисија претставува добра основа за навистина квалитетен процес на преговори.
„Ова несомнено ќе биде од корист за граѓаните, кои ќе добијат квалитетни и спроводливи реформи, а уште повеќе, методологијата претставува и добра основа за земјите членки да ги надминат разликите за политичката контрола на овој процес, што ќе отвори простор за да се обезбеди консензус од страна на Европскиот совет за почеток на преговорите на самитот на ЕУ во март“, истакна Османи.
Според министерот Димитров, доколку ЕУ остане неодлучна наместо да помага и поддржува, ќе му направи голема штета на регионот.
„Европската геополитичка амбиција тешко ќе се оствари без завршување на работата за земјите кандидати со перспектива за зачленување во ЕУ. Во пресрет на мартовските дискусии на Советот помошта на Хрватска ќе биде од клучно значење да се подготви теренот и да се овозможи донесување на одлуката за преговори заедно со методологијата. Методологијата според нашите оценки дава повеќе за оние што ќе постигнат повеќе, а нуди помалку за оние што нема да успеат да испорачаат доволно. Затоа, сметаме дека за нас таа претставува шанса да го надополниме изгубеното време и да се докажеме дека сме способни да го изодиме патот“, нагласи македонскиот министер за надворешни работи.
Во рамките на посетата на Хрватска, Османи и Димитров остварија средби и со министерот за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман, како и со претседателите на собраниските комисии за надворешна политика и за европски прашања, Миро Ковач и Домагој Иван Милошевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

