Македонија
Поактивно вклучување на граѓанските организации во превенцијата од насилен екстремизам

Во просториите на Владата денеска се одржа Вториот донаторски состанок во организација на Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ), на кој присуствуваа претставници на амбасадите, меѓународните организации и невладиниот сектор во земјава.
Како што информираат од владината прес-служба, на состанокот биле разгледани тековните активности на Националниот комитет и било констатирано дека треба да се интензивираат средбите со цел поуспешна координација на проектите во кои меѓународните партнери и граѓанските организации учествуваат, а кои подоцна се имплементираат во согласност со Акциските планови.
Во своето обраќање пред присутните, Националниот координатор, Борче Петревски, придружуван од заменикот Џеладин Ајвази, изразил благодарност и признание за големата посветеност и поддршка од страна на меѓународните партнери и граѓанските организации во Република Македонија.
„Целта на состанокот е да ги ажурираме и усогласиме активностите на меѓународните партнери и организациите од граѓанското општество со цел да се согледаат приоритетите за поефикасна соработка, поквалитетни резултати и долгорочен ефект од активностите во областа на превенцијата и спречувањето на насилниот екстремизам и борбата против тероризмот“, рече Петревски.
Притоа, како приоритет во идните активности било нагласено и поактивното вклучување на НВО секторот во конкретни проекти, со цел усогласување и унапредување на механизмите за постигнување комплементарност.
Било констатирано и дека Владата, со приоритетните цели кои се планирани за периодот 2019-2022 година, ја потврдува посветеноста на превенцијата и сузбивањето на овие закани, со координирана акција со стратешките партнери и соседите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Забрана за тешки товарни возила на неколку патни правци

Од 19:45 часот на магистралниот пат Маврово – Дебар воведена е забрана за тешки товарни возила поради задржување на снег на коловоз, извести АМСМ.
Од 19.55 часот воведена е забрана за тешки товарни возила и за патниот правец Гостивар – Стража, додаваат од АМСМ.
Македонија
Посебен сообраќаен режим утре во Скопје

Од утре петок до сабота, во официјална посета на Р.С.Македонија ќе присуствува претседателот на Владата на Република Србија, Ѓуро Мацут.
Од тие причини Едницата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на подрачјето на град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да се почитуваат наредбите што ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Судијата за врски на Франција за балканскиот регион во посета на Јавното обвинителство

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се сретна со францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на средба за претставување на новоназначениот судија за врски на Република Франција за регионот Сирил Лакомб.
Тој е еден од вкупно 20 судии за врски на Франција во светот, а од државниот обвинител Коцевски се информираше директно за состојбите во обвинителството. Притоа, судијата за врски Лакомб понуди поддршка со оперативна и техничка помош, но и експертиза преку француските правосудни органи.
Бидејќи и самиот бил јавен обвинител и лице за врски на Република Франција со Европравда, Лакомб се интересираше и за постапката за делегирање на обвинителот за врски на Република Северна Македонија во оваа меѓународна институција.
Јавниот обвинител Коцевски, од своја страна, изрази благодарност за континуираната француска поддршка за работата на Јавното обвинителство.