Македонија
Поддршка од Владата за конкретни практики за родовата еднаквост во буџетирањето
Претседателот на Владата Зоран Заев, придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, денеска оствари средба со претставнички од телото на Обединетите Нации (ОН) за родова еднаквост и зајакнување на жените (UN Women).
Во текот на средбата беше разговарано за важноста на прашањата поврзани со родовата еднаквост при креирањето на Буџетот и чекорите кои треба да се преземат со цел планирањето на програмите и јавните финансии да одговори на потребите на жените и мажите.
Заев истакна дека по однос на ова прашање веќе е време да се зборува за конкретни практики, а не само за теоретски решенија. Тој, потенцирајќи ја отвореноста и волјата на Владата за подобрување на родовата еднаквост во државата, истакна дека и досега Владата прави напори за напредок во областа на родовата еднаквост и правата на жените.
Присутните министри со претставничките на телото за родова еднаквост при ОН, разменија конкретни предлог-решенија како да се воспостави траен линк помеѓу родовата еднаквост и родово одговорното буџетирање, преку алокација на неопходните ресурси за негова имплементација. Исто така беа разгледани и можности за спроведување на родови анализи како инструмент за подобрување на потребите на мажите и жените при креирањето на буџетските политики на земјата.
На средбата, Заев и присутните министри, истакнаа дека Владата има отворена волја, да го унапреди механизмот на планирање на буџетските политики и во соработка со ОН, да се изнајдат ефикасни алатки со кои родовата компонента успешно би се инкорпорирала во стратешкото планирање на Буџетот на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

