Македонија
Поднесено обвинение за дивите платформи на Матка

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против две лица за изградбата на дрвени платформи на Матка. Тие се осомничени за кривично дело узурпација на недвижности.
„Првиот обвинет, 39-годишен жител на Глумово, како трговец поединец кој врши дејност за патнички воден транспорт, на точно неутврден датум со намера зазел во владение туѓа недвижност, што е со пропис прогласена за споменик на природата. Имено, на катастарска парцела на брегот на езерото Матка поставил дрвена платформа со вкупна површина од 120 м2 со метална конструкција, над која изградил објект од тула и дрво со површина од 49 м2“, соопштија од Обвинителството.
Вториот обвинет, 25-годишник од Глумово, делото го сторил така што на пет катастарски парцели, исто така на брегот на езерото, поставил дрвена платформа со метална конструкција со површина од 189,54 м2, на која изградил привремен објект со површина од 187 м2.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер од Чешка и 61 пожарникар од Словенија ќе помагаат во гаснење на пожарите

Меѓународна помош ќе пристигне во земјава да помогне во справување со пожарите. Помошта ќе дојде од Чешка и од Словенија.
Чешка испраќа хеликоптер Блек Хок со седумчлен екипаж. Се очекува да пристигнат попладнево.
Утре, пак, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар со 18 возила.
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Македонија
Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Согласно измените на Законот за оружје, стапи во сила новиот систем за набавка на муниција.
Со него, граѓаните кои поседуваат оружје ќе можат да ја набавуваат потребната муниција директно во овластените правни субјекти. Повеќе не е потребно претходно одобрение за набавка на муниција.
„Истовремено, преку централен електронски систем, Министерството за внатрешни работи ќе врши континуирана контрола и увид во количините што се набавуваат, во согласност со законски утврдените ограничувања. Со оваа промена, системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без да се намали степенот на безбедносен надзор. Ова е уште една потврда дека се движиме во вистинска насока, со конкретни мерки што носат резултати и реално го подобруваат квалитетот на услугите што МВР ги дава на граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Македонија
Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.
„Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.