Македонија
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами со набавките во РЕК Битола, обвинети се директори и раководители
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против осум физички и едно правно лице за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во РЕК Битола.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, како службени лица – директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, вршеле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Тие заедно не ја извршиле својата службена должност за законито и совесно постапување и ги повредиле начелата на економичност, ефикасност, ефективност, сразмерност и конкурентност предвидени во Законот за јавни набавки.
Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот “Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК. Имено, поради неправилната форма на површинскиот коп и поради малиот век на експлоатација (околу 14 години) во рудникот Живојно не е предвидена примена на методата за откопување со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти) какви што биле дислоцираните погонски станици од Осломеј.
Обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка, а минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи само едно правно лице. Со тоа и овозможиле на обвинетата компанија да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 90.000.000 денари без ДДВ (106.200.000 денари со вклучен ДДВ).
Првообвинетиот сопственик на фирмата, двајца вработени и правното лице се товарат за кривично дело – Злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство од член 275-в, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола. Незавршената обврска ја наплаќале врз основа на невистинитата документација со што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од големи размери. Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – Измама во службата од член 355 став 3 од Кривичниот законик.
Со обвинението, јавниот обвинител предложи да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра со ДДВ кои и биле исплатени на компанијата како резултат на сторените кривични дела.
За таа цел, обвинителството во текот на постапката, користејќи и инструменти на меѓународна правна помош, лоцираше и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на првообвинетиот, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки. Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на првообвинетиот, кои исто така можат да бидат предмет на конфискација.
Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании. Исто така, обвинителството го ценеше фактот дека обвинетиот одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство, па јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за овој обвинет со цел негово обезбедување во текот на судската постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

