Македонија
Поефикасни истраги за финансиски криминал – потпишан договор за соработка помеѓу МВР и Управата за финансиска полиција за електронска размена на податоци преку Платформата за интероперабилност
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска оствари работна средба со директорот на Управата за финансиска полиција, Слободан Ивановски. На средбата беше потпишан договор за соработка и давање податоци во електронска форма преку Националната платформа за интероперабилност, со што соработката на овие две институции во борбата со организираниот криминал, перењето пари и сите други надлежности што заеднички ги имаат ќе биде многу побрза и поефикасна.

„Со потпишување на овој договор ќе овозможиме целиот процес на размена на документи во истраги и друг вид соработки да се води преку Платформата на интероперабилност наместо со физичка размена како што беше досега. Министерството за внатрешни работи ја препознава потребата од водење на финансиските истраги паралелно со истрагите за организиран криминал, и во таа насока градење ефикасен систем, кој ќе обезбеди конкретни резултати“, потенцира министерот Тошковски.
Во Министерството за внатрешни работи, поточно во рамките на Одделот за криминалистичка полиција и во Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, веќе успешно функционираат организациски единици, во чија надлежност, меѓу другото, се и финансиските истраги.

„Со овој меморандум се овозможува побрза и поефикасна меѓуинституционална соработка, која е потребна за постапките што се водат преку Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи, како и олеснување на процесот на пристап до базите на податоци. Сметам дека овој меморандум е само почеток на успешната соработка помеѓу двете наши институции“, истакна директорот Ивановски по денешната средба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

