Македонија
Пожарот кај Љуботенски Бачила ќе се гасне со авиони, опожарени повеќе делови од државата
Oд Центарот за управување со кризи известија дека во моментов се активни повеќе пожари низ државата. Гори во скопскиот, кумановскиот, струмичкиот, охридскиот, штипскиот и велешкиот регион.
И денеска активен е пожарот кај Љуботенски Бачила е активен, а од ЕЛС Бутел е побарано ангажирање на авионите на Дирекцијата за заштита и спасување. Во кумановски регион, од утринските часови вработени од ШС интервенираат на активни жаришта на опожарената нискостеблеста дабова шума од вчерашниот пожар во атарот на селото Живиње. Во интервенцијата учествуваат и ТППЕ Куманово.
Од ЦУК велат дека активен пожар има во атарите на селата Свидовица и Куклиш со кој опожарена е мешана шума, нискостеблеста даб и габер на површина од околу 5 хектари. Тука нтервенираат вработени од ШС Беласица – Струмица и ТППЕ Струмица.
Во делот на Охридски регион, во општината Македонски Брод активен е пожарот во атарот на селото Рамне каде гори ниска деградирана шума и смрека. Од утрово интервенираат вработени од ШС Сандански – Македонски Брод. Пожарите во атарите на селата Горно Ботушје и Црешово се ставени под контрола.
На територијата на општина Чашка има два активни пожари и тоа: во атарот на селото Црешнево каде интервенираат ШС Бабуна – Велес и ЈКП Тополка – Чашка и во атарот на с.Мокрени каде интервенираат од ШС Бабуна.
Во општина Кочани, пожарот кај селото Пресека, во близина на манастирот, се уште е активен и опожарена е борова шума. Интервенираат од ШС Осогово – Кочани, од Шумска полиција и ТППЕ Кочани.
Во општина Берово, пожарот кај селото Владимирово каде гори папрат и дабова шума е се уште активен. Интервенираат од ШС Малешево, месно население и од шумската полиција.
Пожарот кај селото Седларево е локализиран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

