Македонија
Полицаец уби мигрант кај Гевгелија, тепачка меѓу службеници и шверцери заврши крваво
Полицаец со службен пиштол застрела мигрант кај касарната во Гевгелија во турканица за оружјето со шверцерот.
Според информациите, еден од илегалните шверцери го нападнал полицискиот службеник и се обидел да му го одземе пиштолот. Потоа полицаецот испукал и го погодил мигрантот, кој починал. Настанот се случил утринава.
„Кај касарна во Гевгелија од страна на полициски службеници биле забележани патничко моторно возило ‘мерцедес’, управувано од К. Ј. (26), и патничко моторно возило ‘форд фокус’, управувано од С. Б. (51), двајцата од Скопје, во кои илегално се превезувале мигранти. Возилата биле запрени од страна на полициски службеници по што возачите и мигрантите се обиделе да избегаат, а притоа К. Ј. физички нападнал полициски службеник обидувајќи се да му го одземе пиштолот“, велат од МВР за „Макфакс“.
Притоа полицискиот службеник испукал од службениот пиштол и погодил еден од мигрантите.
„Мигрантот веднаш бил пренесен со полициско возило во објектот на Итната медицинска помош за укажување лекарска помош, каде што починал. К. Ј. и С. Б. се приведени, а притоа осум лица мигранти се фатени“, додаде МВР за „Макфакс“.
Известени се јавен обвинител и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за расчистување на случајот. На самото место извршен е увид од ОЈО Гевгелија и по расчистување на случајот, ќе бидат поднесени соодветни пријави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Метеж на „Табановце” и „Богородица”, се чека најмалку половина час
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин „Табановце” времето на чекање за влез во државата изнесува околу 30 минути. На граничниот премин „Богородица” времето на чекање за излез од државата изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Венко Филипче е избран за нов лидер на СДСМ
Венко Филипче, поранешен министер за здравство во владата на Зоран Заев, го презеде раководството и стана нов претседател на СДСМ.
Според 95 проценти од обработените 77 избирачки места, Филипче освои 9.052 гласа што е околу четири пати повеќе од Филип Деспотовски за кои гласале 2.705 гласачи, додека пак Александар Бајдевски освоил 905 гласови. За Славјанка Петровска гласале 190 гласови, додека неважечки се 174 гласови.
Филипче е неврохирург кој во политиката сериозно влезе во 2017 година, кога му беше доверен ресорот за здравство.
Филипче изјави дека следи период на реорганизација на партијата.
„СДСМ докажа дека има демократски капацитет и високо ниво на професионализам. Од се срце се заблагодарувам на довербата. Ветувам дека ќе направам се за вашата доверба да не ја изневерам. Моја цел е да ги вбризгам во СДСМ принципите кои што ме водат во животот а тоа се заедништво,другарство,взаемна почит и отворена комуникација. Сега е време за обнова на СДСМ и многу работа, нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформи со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува“, рече Филипче по прогласувањето на победата и вети дека нема да дели, туку ќе обединува и ќе се спротивстави на оние кои сакаат да ја ослабнат СДСМ за свој личен интерес.
Македонија
Аврамовска-Мадиќ: 54 отсто од регистрираните членови гласале за претседател на СДСМ
Од вкупно запишаните во избирачкиот список за избор на претседател на СДСМ до 19:45 часот, излегле 12.608 или 54 проценти од запишаните. Сите 77 избирачки места биле отворени и општинските изборни комисии ги спровеле изборите согласно правилниците, донесени од Централниот одбор и одредбите на Статутот на партијата, изјави вечерва претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска-Мадиќ оценувајќи го процесот за демократски и успешен.
Таа посочи дека во Општина Студеничани е констатирано дека предвреме е затворено избирачкото место од страна на Општинската изборна комисија и поради тоа Централната изборна комисија одлучила да го поништи гласањето.
„Вкупно акредитирани во општинската организација во Студеничани се 66 гласачи, а до моментот на затворање на избирачкото место гласале 51 гласач, со тоа што констатирано е дека оваа бројка нема да влијае на конечниот резултат. Констатирано е прекин на гласањето и во општина Гевгелија од 10 минути, поради кршење на избирачката кутија од страна на член на Социјалдемократскиот сојуз. Извршена е замена на кутијата и гласањето е продолжено во најдобар ред“, рече претседателката на ЦИК.
Во текот на денот до ЦИК, додаде таа, пристигнале и повеќе приговори.
„Прифатени се приговори во шест општински организации на седум членови на кои им се овозможи гласање, иако не беа во избирачкиот список, затоа што по проверката во системот се констатира дека истите овие членови се акредитирале и се регистрирале во системот за активна регистрација. Вкупно 44 членови од девет различни општини доставија пријава до Централната изборна комисија да им биде овозможено да можат да гласаат. Овие приговори се одбиени поради тоа што по проверка во системот се констатираше дека не се акредитирани преку активна регистрација и не доставиле образец за активна регистрација во нивната општинска организација“, наведе Аврамовска Мадиќ.
Таа нагласи дека сите овие примери кои што ги наведе се значителни и немаат речиси никакво влијание на целиот процес, но во името на транспарентноста и информирањето на членовите и на јавноста Централната изборна комисија одлучила да ги соопшти.
„Упатуваме благодарност во името на Централната изборна комисија за сите оние кои беа дел од овој процес за успешниот и демократски процес спроведен на внатрепартиските избори во СДСМ. По завршување на обработката на податоците во 77 избирачки места Централната изборна комисија ќе ги соопшти конечните резултати“, рече Аврамовска Мадиќ.
Кандидатот за претседател на СДСМ, Јован Деспотовски, денеска по гласањето во своето избирачко место рече дека на голем број членови на партијата не им било овозможено да гласаат, за што Мадиќ рече дека станува збор за мал број на гласачи кои не биле активно регистрирани.
Деспотовски по завршување на гласањето преку соопштение им се заблагодари на членовите кои излегле да гласаат, но пред да ја даде конечна оценка за изборниот процес, побара одговори од Централната изборна комисија и партиските органи како се случи над 10.000 членови кои се регистрирале за гласање не го оствариле своето право на глас денеска и како на голем број на членови кои уредно регистрирани и дошле на избирачките места да не им е овозможено правото на глас?
По гласањето на своето избирачко место во Општина Карпош, поранешниот министер за здравство и кандидат за претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека целокупниот процес на гласање на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, се одвива мирно, во како што рече, позитивен дух меѓу сите другари и другарки кои излегуваат на гласање.
Претседателката на ЦИК информираше дека вечерва пред 22 часот ќе се обрати победникот на вонредните внатрепартиски избори.
Изборот на претседател ќе се изврши од вкупниот број на излезени, односно оној којшто ќе оствари 50 плус 1 отсто од гласовите на излезените, доколку тоа не се случи тогаш гласањето ќе се повтори во втор круг. Избирачкиот список брои вкупно 23.373 акредитирани членови на СДСМ.