Македонија
Полицискиот синдикат: Се објавуваат невистинити фотографии за вработените во МВР
Македонскиот полициски синдикат преку соопштение реагира дека на социјалните мрежи и интернет-порталите се објавуваат невистинити фотографии и се пласираат лажни вести за вработените во МВР. Станува збор за фотографии во униформа и во цивилна облека, како и фотографии од цивилни и полициски возила за кои Синдикатот смета дека се насочени кон наводни злоупотреби во однос на професиналното работење и злоупотреби на материјално-технички средства и опрема на МВР.
Велат дека на овој начин се врши психички притисок над вработените во Министерството поради што може да настанат пропусти во работењето, а со тоа индиректно да биде загорзена безбедноста на државата, граѓаните и нивите имоти.
„Пример за ваквите рекации се последните објави на некои интернет-портали и на социјаните мрежи, каде што се објавуваат фотографии од цивилни возила за кои се тврди дека се во сопственост на МВР и лица што се вработени во МВР за кои тврди дека наводно ги управуваат тие возила и прават злоупотреба со нив. Како пример го посочуваме последното фотографирање возила во гаражите во комплексот ‘Џевахир’ кога во тек била акција на откривање и фаќање сторители на кривично дело, а со самото објавување фотографии во јавноста се загрозуваат животите на вработените во МВР и нивните семејства, како и дека се става во прашање успешноста на самата акција“, велат од Синдикатот.
Оттука, апелираат до новиот министер во МВР, Наќе Чулев, дополнителниот министер во МВР, Славјанка Петровска, заменик-министерот Агим Нухиу, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, и заменик-директорот на БЈБ, Бесим Деари, за секој одделен случај да поведат постапка со цел утврдување одговорност кој сликал и зошто ги објавил тие фотографии имајќи предвид дека станува збор за кривично дело неовластено снимање и злоупотреба на лични податоци.
Исто така, од Синдикатот го повикуваат раководството на МВР да ги провери објавите и доколку постои злоупотреба од страна на службени лица од МВР, да преземе соодветни мерки и активности во согласност со законските прописи и правните акти.
„Воедно, ги замолуваме граѓаните да не фотографираат возила за кои претпостапуваат дека се од МВР и дека наводно се злоупотребуваат затоа што е можно со нив да се врши службено дејство, кое би го прекинале и деконспирирале, а доколку кој било граѓанин на Република Северна Македонија има какво било сознание за злоупотреба од вработени во МВР, да го пријави до надлежните институции“, се наведува во соопштението на Полицискиот синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

