Македонија
Полицијата викендов казнила 147 пијани возачи во Скопје

Во текот на изминатиот викенд и петокот (11, 12 и 13 мај) полицијата во Скопје казнила 147 возачи кои возеле пијани и 169 возачи бидејќи се движеле со поголема брзина од дозволената. Исто така, 52 возачи се исклучени од сообраќај затоа што немале возачка дозвола, а 30 биле возачи почетници што не го почитувале времето кога им е дозволено да возат.
Исто така, 75 возила се исклучени од сообраќај бидејќи 69 биле нерегистрирани и шест технички неисправни. 10 возачи се санкционирани бидејќи поминале крстосница на црвено светло, четворица не дале првенство на минување пешаци, двајца неправилно се престроиле, шест неправилно престигнувале, тројца не дале првенство на минување возила. Санкционирани се и 11 пешаци што поминале улица надвор од пешачки премин.
Од МВР информираат дека во текот на изминатите три дена пајак-службата кренала 114 возила, а издадени се 204 мандатни платни налози.
Викендов и во петокот, пак, во Скопје се случиле 29 сообраќајни незгоди, во кои едно лице добило тешки телесни повреди и 28 лесни телесни повреди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гаши демантира дека ја напушта коалицијата Вреди, останува лојален на гласачите

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, преку објава на Фејсбук ги демантираше информациите што се појавија во некои медиуми дека ја напушта коалицијата Вреди. Тој истакна дека останува член на партијата Алтернатива и дел од коалицијата Вреди, истовремено потенцирајќи дека како собраниски спикер ќе продолжи да ги извршува своите обврски согласно уставните надлежности.
„Како пратеник во републичкото Собрание останувам лојален на гласачите кои ме избраа на изборите на 8 мај 2024 година. Значи, Африм Гаши е член на Алтернатива во коалицијата Вреди. Како претседател на Собранието, се трудам да бидам еднаков за сите пратеници и пратенички групи, бидејќи тоа ми го наметнува уставната одговорност и функцијата што ја извршувам“, напиша Гаши.
По неодамнешните несогласувања со Арбен Таравари, лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди најавија нов чекор кон поголемо политичко единство. Според најавите, следната недела ќе започне процедурата за создавање на единствена политичка партија што ќе ги обедини постојните партии од оваа коалиција.
Лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, во интервју за емисијата „ПодГо“ на Телеграфи Македонија, изјави дека новата партија ќе има заеднички штаб, информативен центар, заеднички кандидати, програма и советнички листи за претстојните локални избори.
Македонија
Фетаи жестоко го нападна Ахмети: Лицемерно е да зборувате за достоинство, додека замижувавте пред злосторства

Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи, остро реагираше ден по изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој оцени дека само Арбен Таравари сфатил дека позициите на Албанците во Владата се понижувачки. Фетаи го обвини Ахмети за лицемерие и му порача дека тој „не е ничиј слуга“.
„Ахмети рече дека Арбен Таравари разбрал оти Албанците во Владата го понижиле и девалвирале својот народ. Колку дрско лицемерие. Ахмети, јас не сум ничиј слуга. Чувајте го овој епитет за себе, вие кои посветено им служевте на антиалбанските сили и го легитимиравте секое злосторство врз Албанците“, напиша Фетаи на социјалните мрежи.
Тој постави и неколку директни прашања до Ахмети, обвинувајќи го за молк и неактивност во клучни моменти за албанската заедница.
„Каде бевте кога вашите министри уапсија мајка и ќерка Албанка лажно обвинети за исламистички тероризам? Дали некогаш сте проговориле кога државните структури убиваа албански патриоти? Дали кренавте прст кога толпи хулигани тепаа Албанци по улиците на нашите градови? Каде беше тогаш вашето достоинство?“, праша Фетаи.
Во неговата реакција, Фетаи го обвини лидерот на ДУИ дека ја прифатил агендата на ВМРО-ДПМНЕ и ги изневерил интересите на Албанците.
„Ти си тој што дозволи институциите финансирани од нашите даноци да ги навредуваат Албанците на национална основа. Ти си тој што прифати „Скопје 2014“ како национален проект и лавот на ВМРО-ДПМНЕ како илирски симбол. Замижувавте пред манипулациите со пописот. Испразнивте цели региони од Албанци. Никогаш во историјата немало поголемо понижување, повеќе предавство и мизерија отколку за време на вашето мрачно владеење“, порача Фетаи.
Според него, ДУИ единствено успеала во „збогатување на тесен круг луѓе“, додека народот, како што рече, останал да страда.
„Албанците не забораваат. Албанците не простуваат. Вашиот проблем е сметката – и таа ви тропа на врата“, заврши Фетаи.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го понижи културниот сектор и сега нема кредибилитет да зборува за достоинство

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на денешната изјава на СДСМ, оценувајќи ја како „дрзок обид за дефокусирање на јавноста“ токму на големиот христијански празник Велигден.
„СДС денес, кога се слави Велигден, повторно се обидува дрско да го пренасочи вниманието од катастрофалното наследство што ѝ го остави на Македонија во културата. Јавноста добро памети кој ја газеше културата, кој ја претвори во мрежа на партиски вработувања и кој го користеше Министерството за култура како алатка за наградување на блиски личности и фаворизирани ‘уметници’“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, сегашната власт покажува поинаков пристап, транспарентност и отчетност.
„Извинувањето на именувано лице е коректен гест што јасно покажува разлика во пристапот. За разлика од времето на СДС, кога навредите и дисквалификациите врз уметници и институции беа секојдневие, денес имаме отчетност, одговорност и сериозен однос кон културата“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе продолжат да работат во интерес на сите кои навистина придонесуваат во културата.
„Ќе продолжиме да ја градиме културата врз вистински вредности – без партиски кланови и без привилегирани. Ќе има поддршка за сите што творат и вложуваат, а не за политички миленици“, велат од владејачката партија.
Во реакцијата се наведуваат и конкретни критики кон поранешните министри и функционери од СДСМ, обвинувајќи ги за финансиски злоупотреби, непотизам и партиски фаворизирања.
„Во времето на СДС, грантовите се делеа без јасни критериуми, а дел од тие средства завршуваа кај лица блиски до партијата – дури и за проекти што никогаш не се реализираа. Последната министерка за култура беше под лупа поради злоупотреби, а институциите добиваа пари според политичка подобност“, тврдат од партијата.
Во реакцијата се посочува и дека функционерите на СДС користеле државни ресурси за лични цели, додека одговорноста била избегнувана.