Македонија
Ново апсење на патот Гостивар-Тетово: тетовец возел 190 километри на час, а дозволено е 80

Во текот на вчерашниот ден приведен е возач од тетовско кој управувал возило со брзина од 190 километри на час на место каде што е дозволено 80, информираа од МВР.
Тој бил сопрен кај клучката Камењане, а се работи за 29-годишник со иницијали Б.М. од селото Пирок, тетовско.
„При сообраќајна контрола и преземени мерки и активности било констатирано дека Б.М. управувал патничко моторно возило „ауди” со германски национални ознаки со брзина од 190 километри на час на место каде што максималната дозволена брзина е 80 километри на час“, соопшти МВР.
Притив него ќе биде поднесена пријава за безобѕирно управување со моторно возило.
MВР во повеќе наврати во изминатиот период на овој пат затекна возачи кои возат далеку од пропишаната брзина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
И ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да го провери случајот со сертификатот на Христовски, а ако не е вистина СДСМ да се извини

И владејачката ВМРО-ДПМНЕ го повика Обвинителството да го провери случајот со сертификатот на Христовски, а доколку испадне дека нема вистина, СДСМ јавно да се извини.
Реакцијата следи по прес-конференцијата на Социјалдемократите на која беше побарано од ОЈО повторно да го истражи случајот со сертификатот за англиски јазик на директорот на АНБ, Бојан Христовски.
ВМРО-ДПМНЕ повтори дека судиите и обвинителите се сè уште истите што ги избрал СДСМ, а доколку имаат нешто противзаконски за Христовски први ќе го повикаат за разговор.
Владејачката партија вели дека завршено е времето на „овој ми е брат“ или „од партија е не го чепкај“, па сега секој еден без разлика на партиска, верска или етничка припадност, ќе си одговара за одредена работа доколку постојат докази.
Македонија
ЗНАМ очекува до крајот на месецот да ги заврши преговорите со ВМРО-ДПМНЕ за взаемна поддршка на некои кандидати за градоначалници

ЗНАМ на локлните избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници. Со ВМРО-ДПМНЕ преговара за поддршка на кандидатите за градоначалници во некои општини.
Портпаролот на партијата Никола Мемов, рече дека во тек се разговори со нивниот владин партнер ВМРО-ДПМНЕ и очекуваат тие разговори да завршат кон крајот на месецот.
„Разговараме за повеќе општини, дефинирано е Куманово, неколку општини во Скопје и повеќе помали општини низ цела држава. Кога ќе завршат разговорите, кога ќе го имаме конечниот договор со владиниот партнер, низ процедурите на органите на партијата ќе бидат дефинирани кандидатите и ќе бидат соопштени во јавноста“, изјави Мемов.
Прашан што точно преговараат со ВМРО-ДПМНЕ, односно дали ќе одат со заеднички кандидати, со заеднички листи или пак се преговара за поддршка во втор круг, портпаролот на ЗНАМ изјави дека партијата на овие избори ќе настапи самостојно, како на советничките листи, така и за изборот на градоначалници.
„Таму каде што ќе имаме кандидат за градоначалник од ЗНАМ, во договор со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ, тој ќе биде поддржан од нивна страна и тие нема да имаат кандидат во тие општини. Зборуваме за целосна взаемна поддршка на кандидатите уште во првиот круг“, рече Мемов.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија на денешната прес конференција информираше и за одлуките на Централниот одбор, во проширен состав, на вчершната седница, меѓу кои едногласна одлука за почеток на вториот бран на активности, под мотото: „Со срце за нашата општина“, како и а отпочнување постапка за евидентирање на кандидати за советници за локалните избори.
„Само чесни и посветени луѓе, со силна морална и етичка основа, ќе го понесат товарот на одговорноста пред државата и граѓаните. Критериумите за истите се јасни и недвосмислени: етички капацитет, јасна заложба за заштита на државните интереси, почитување на сите етнички заедници, посветеност на европските вредности“ рече портпаролот на партијата Никола Мемов.
Најави дека караванот на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ќе го посети секое населено место, ќе влезе во секоја месна заедница и заедно со граѓаните ќе ја напише програмата за локалните избори.
На вчерашната седница, Централниот одбор го назначил Горан Минчев, генералниот секретар на партијата, за шеф на Централниот изборен штаб. Одлука, која како што нагласи Мемов, се темели на резултати.
Мемов на прес конференцијата ги информираше новинарите и за Вториот изборен Конгрес што ќе се одржи за седум дена, на 29 јуни, во недела, а на кој ќе бидат избрани претседател на партијата, нов состав на Централниот и Надзорниот одбор, со полн четиригодишен мандат.
Македонија
Вработениот во Народната банка се сомничи дека го зел синиот ранец со пиштолот со кој се убиени Вања и Панче, покрената е истрага

Обвинителството покрена истрага за помагање за З.Д., вработениот во Народната банка, член на партијата на Љупчо Палевски, Десна, кој беше посочен oд Велибор Манев како човекот кој го зел ранецот со пиштолот и моторолите – клучни докази за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„Согласно исказот на еден од обвинетите, сега осомничениот помогнал со прикривање на орудијата со кои се извршени кривичните дела за кои е пропишана казна доживотен затвор. По пренесени инструкции од првообвинетиот, осомничениот од просториите на политичката партија Десна зел еден син ранец во кој се наоѓало огнено оружје пиштол – со кој биле извршени двете кривични дела и го отстранил од партијата. Со тоа им помогнал на обвинетите да не бидат откриени“, велат од Обвинителството.
Се додава дека со цел проверка на наводите, јавниот обвинител обезбедил и судски наредби со кои биле извршени претреси на две локации, а се преземаат и други истражни дејствија.
Со цел обезбедување на осомничениот до завршување на постапката, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост – привремено да му се одземе патната исправа и да се определи забрана за нејзино издавање, како и да се определи повремено да се јавува кај службено лице во судот.
Од Обвинителството појаснија дека истрагата против ова лице претставува посебен предмет кој не влијае на судската постапка за двете грабнувања и убиства која е во завршна фаза.