Македонија
„Помисли двапати“ кампања на Интерпол за зголемување на свесноста и заштита од онлајн измами
Интерпол почна со нова кампања за зголемување на свесноста од растечките закани од сајбер или финансиски измами на луѓе, организации или институции.
„Помисли двапати“ (Think Twice) кампањата во која целосно се вклучува и Министерството за внатрешни работи, вклучува серија кратки видеа кои се фокусираат на пет најголеми растечки онлајн закани: ransomware напади, malware напади, phishing, генеративни AI измами и романтичарски измами.
Овие софистицирани измами се во голем подем изминатите години, од кои поконкретно ransomaware нападите се со пораст од 70%, а malware нападите над 30% само минатата година, со што повеќе од 20% од вработените воопшто и не знаат дека најверојатно на својот компјутер имаат некаков вид на malware софтвер.
Со phishing нападите кои постојано еволуираат и стануваат потешки за детектирање, криминалците исто така ја искористуваат технологијата за своја добивка. Пример, користат генеративна вештачка интелигенција (AI) да креираат ултра реалистични човечки карактери, притоа измамувајќи илјадници луѓе ширум светот преку манипулација на глас, слика и звук.
Рoмантичарските измами се исто така во подем, каде што сајбер криминалците користат лажни онлајн профили за да создаваат врски и доверба, пред да побараат пари од жртвата.
„Помисли двапати“ повикува на будност во дигиталниот свет, нагласувајќи ја важноста да се застане, да се погледне двапати, промовирајќи го значењето на носење на мудри одлуки и зголемување на свесноста за сабјер безбедноста во секојдневниот живот
„Како што дигиталниот свет во којшто живееме продолжува да еволуира, гледаме дека онлајн измамите растат во нивото на својата софистицираност, со што стануваат големи закани за луѓето, организациите и институциите ширум светот. Сајбер безбедноста е заедничка одговорност и преку проактивни чекори, можеме да придонесеме кон градење на побезбеден, посигурен дигитален свет за сите“, потенцира генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Валдеси Уркиза.
Двонеделната кампања за зголемување на свесноста од онлајн измами е планирана да оди на социјалните медиуми.
Кампањата ќе ги поттикне луѓето да користат лична (in-person) верификација и да ја проверуваат својата дигитална интеракција, посебно кога ќе наидат на сомнителни линкови или информации.
Целта е корисниците да почнат да прават информирани и внимателни онлајн чекори, со тоа намалувајќи ги ризиците поврзани со заканите како phishing, malware и онлајн измами.
Чекори кои го намалуваат ризикот се:
Правење на внимателни и рационални избори, посебно при справување со несакани, непознати или сомнителни линкови, е-маил пораки или пораки.
Паузирање за да се евалуира автентичноста и кредибилноста на дигиталната содржина, пред да се преземе акција
Да се проверат идентитетите преку повеќе канали или да се биде внимателен на сите барања, дури и од „познати“ лица
Имплементација на култура на сајбер безбедност на работното место и овозможување на знаења на овие теми за сите вработени
Внимателност при формирање на онлајн пријателства и врски, посебно кога се споменуваат пари
Да се биде постојано информиран на постојаното унапредување на тактиките на сајбер финансиските криминали кои ја прават нивната детекција многу потешка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

