Македонија
Поплавени куќи и дворови, автомобили под вода до половина – силно невреме ја зафати и Струмица
Попладнево околу 15 часот и 30 минути, Струмица беше зафатена од многу силни поројни врнежи од дожд.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека поплавени се улиците : Браќа Минкови, Ѓорги Василев, Иљо Шопов и Младинска.
На улицата Браќа Минкови во две куќи има навлезено вода во долниот кат и има поплавено неколку дворови и подруми. На улицата Ѓорги Василев и Иљо Шопов има навлезено вода во подруми од неколку куќи.
Екипите на Комуналец Струмица и ТППЕ Струмица се на терен со сите расположливи сили, и ќе постапуваат по пријавите од граќаните, велат од ЦУК.
Невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, засилен ветер и локална појава на град имаше попладнево и во Битола, Валандово, Дојран, Богданци, Крива Паланка, Кочани и Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски – Дрекслер: Силна поддршка од Германија за борба против криминалот, како и за владеење на правото и креирање силна и професионална полиција
Денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев остварија работна средба со амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Петра Дрекслер.
Министерот Тошковски се заблагодари за досегашната соработка и искрена поддршка од страна на Сојузна Република Германија, која треба да продолжи и во иднина со надеж што поскоро да станеме дел од европското семејство. Министерот ги презентираше главните цели кои ќе бидат во фокус во наредниот период, како борбата против организираниот криминал и корупција не само декларативно туку вистински, реконструирање и функционална систематизација и дигитализација на процесите, се вели во соопштението на МВР.
Амбасадорката Дрекслер упати честитки до министерот Тошковски и директорот Јанев и ја потенцираше досегашната соработка, посебно во делот за Центарот за обука на МВР и опремата која е донирана на министерството.
Директорот на Бирото за јавна безбедност на МВР Александар Јанев ги објасни реформите кои се планираат во делот на полициското и криминалистичко работење и уште еднаш ја потенцираше одличната соработка со германската полиција во делот на размена на информации, особено во борбата со транснационалниот организиран криминал.
На средбата беше потенцирано дека директната соработка и пријателските односи ќе продолжат и ќе се интензивираат во следниот период, со цел засилување на борбата против криминалот, како и за владеењето на правото и зголемување на безбедноста на сите граѓани, соопшти МВР.
Македонија
За децата со посебни потреби, кои не може да следат редовна настава, министерката Јаневска најавува општински училишта со ресурсен центар
Тоталната инклузија во образовниот процес на децата со посебни потреби кај нас, министерката за образование Весна Јаневска смета дека е неуспешна оти има родители и деца кои се жалат дека со ваквиот концепт се дополнително дискриминирани. Новата Влада бара друго решение за децата со посебни потреби за кое министерката Јаневска уверува дека нема да значи издвојување, селектирање или пак нивна дискриминација.
„Сите оние дечиња кои можат да одат во редовна настава, ќе си одат во редовна настава, но има родители и цели здруженија кои се жалат дека нивните деца не можат да ја следат таа настава затоа што ниту наставниците, ниту образовните асистенти можат да се справат со тој процес. Во еден клас со 34 деца државата се труди да стави по едно дете, но некогаш се и по две и по три. Нив им треба посебно внимание. Ќе бараме решение во правец на општински училишта со ресурсен центар, но само за тие што не можат да следат редовна настава. За децата со мултихендикеп и за децата со повисока интелектуална попреченост предлагаме да останат таканаречените посебни училишта, го користам овој термин за да биде разбирливо и за родителите и за целата јавност. Притоа ќе им дадеме можност на родителите, која сега ја немаат, да одберат во согласност со комисијата за функционална проценка, во какво училиште или во какво училиште со ресурсен центар ќе сакаат нивните деца да учат“, вели министерката Јаневска.
Оваа измена Јаневска вели дека ќе ја направат релативно брзо иако треба да се донесе и законско решение. За измената освен разговори со здруженија, со родители и со наставниците, Јаневска најави дека ќе ја вклучат и стручната јавност односно експертите кои долги години се занимаваат со оваа проблематика од универзитетите и факултетите.
Македонија
Дамева: Граѓаните заслужуваат правда, не им е важно кои се членовите или претседателот на Судскиот совет, туку кој судија останува во судница
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева не ја поддржува тезата за колективна одговорност и смета дека индивидуалната одговорност мора да биде санкционирана и точно детектирана. Според неа, секоја одговорност има и презиме.
„Судскиот совет веќе сериозно отпочна со реформскиот процес и решени сме цврсто да успееме во оние процеси кои што се во наша надлежност, да ги имплементираме час поскоро. Судскиот совет веќе и персонално отпочна да се реформира бидејќи веќе има двајца нови членови во Судскиот совет од минатиот месец што значи дека до крајот на годината речиси помалку од половина ќе биде променет составот на Судскиот совет. Во однос на распуштање на Судскиот совет како правник не ја подржувам тезата за колективна одговорност. Сепак мојот личен став е дека треба да има индивидуална одговорност и таа да биде точно детектирана и санкционирана. Секоја одговорност има име и презиме, нека се детектира и секој нека си сноси индивидуална санкција, доколку нешто сторил противзаконски“, потенцира Дамева.
Таа се надева дека пред се ќе се почитува Уставот доколку се оди на принципот на распуштање на Судскиот совет.
„Во период од распуштање до конституирање на нов Совет, ќе настане вакуум период, кој иако би бил краток, постои опасност да застарат одредени постапки кои што се иницирани од граѓаните за нестручно и несовесно постапување на одредени судии. На граѓаните не им е важно кои се членовите и претседателот и што се дискутира на Судскиот совет, туку им е важно да постапува во надлежностите и кој судија останува во судницата. Граѓаните заслужуваат ниту еден судија да не влезе во судница да дели правда, односно неправда, затоа што по сила на закон застарела одредена постапка. Секоја реформа треба да биде добро обмислена. Граѓаните заслужуваат правда“, нагласи Дамева по конференцијата на тема „Напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, која денеска се одржа во Скопје.