Македонија
Попова Шапка доби едукативен центар и соларни еко-зони за одмор во две бачила
Во манастирскиот комплекс на Попова Шапка викендов се отвори информативно – едукативниот центар, прв од ваков вид во регионот.
Информативно – едукативниот центар е лоциран во срцето на Ски-центарот „Попава Шапка“, во близина на манастирскиот комплекс. Целта на едукативното катче е да обезбеди информации за сите посетители за историјата, флората и дивиот свет на Шар Планина, информации и едукација за различни активности и можности за спорт на планина, вклучувајќи патеки за пешачење и велосипедизам, скијање, алтернативни форми на туризмот во текот на целата година, безбедносни протоколи, капацитети за сместување и услуги. Исто така, Центарот нуди простор за организирана посета на поголеми групи, основци, средношколци и студенти. Во Центарот, посетителите ќе најдат разновидна печатена, фото и видео документација за Попова Шапка, а на располагање на посетителите е водич кој ќе може да им ја објасни на посетителите содржината на едукативниот агол. Центарот е отворен за сите посетители бесплатно. Едукативниот центар е прилагоден на околината и опкружувањето и е изграден од природни материјали, изолација и сопствен извор на електрична енергија, преку инсталација на фотоволтаични панели. Центарот е опремен со предавална, пулт, дрвени штандови, места за напојување со електрична енергија, простор за одмор на отворено, ТВ, компјутер, проектор.
![]()
![]()
Покрај информативно-едукативниот центар, викендов беа пуштени во употреба и двете еко-зони опремени со фотоволтаични панели и простор со маси и клупи за одмор. Овие еко-зони за одмор се наоѓаат на високо-планински терен, по должината на познатата “High Scardus Trail” патека и се сместени во Бачило„ Извори на р.Пена” и Бачило „Грагор –Љуботен“. Еко-зоните во бачилата им овозможуваат на планинарите и посетителите: место за одмор, пристап до електрична енергија за полнење на своите уреди, топли пијалоци, дегустација на традиционална храна (сирење, качамак, ајвар, домашен леб). Исто така, поставени се информативни табли во Ски-центарот „Попова Шапка“ и на локациите со детални информации за посетителите за Еко-зоните.
Целта на проектот е подобрување на атракциско – мотивирачките фактори на Попова Шапка ио регионот, да се создаде дополнителна туристичка понуда на Шар Планина во „отворен простор“, со цел да се зголеми интересот за посета на планините во ситуација на пандемија, да ги ублажи негативните економски последици од кризата КОВИД-19 и да придонесе за зголемена еластичност и одржливост на секторот за планински туризам во прекуграничниот регион Шара. Овој проект ќе придонесе за подобрување на туристичката инфраструктура, овозможувајќи подолго користење на дигитални уреди и еколошко снабдување со електрична енергија.
![]()
Се очекува поинтензивна соработка помеѓу бројни засегнати страни и зголемување на нивните приходи. Информативно -едукативниот корнер ќе овозможи подобра промоција на постоечките маркирани велосипедски патеки, потоа на „High Scardus Trail“ патеката, можностите на Шар Планина и понудите од засегнатите страни. Дополнително, таканаречените „еко зони“ ќе ја промовираат традиционалната храна и ќе создадат зголемен приход и зголемено производство од неа. И за крај, но не и најмалку важно, ќе бидат обезбедени подобри услови за посетители на различна возраст, чиј број се очекува да се зголеми.
Проектот е реализиран од Здружението Планинарски клуб „Шара-Ски“ – Тетово, поддржан од Проектот за поддршка на економската диверзификација на руралните области во Југоисточна Европа (СЕДРА), по налог на Сојузното Министерство за економска соработка и развој (БМЗ) и спроведено од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Темелно се реконструира месната заедница во Драчево
Започнати се градежните работи за темелна реконструкција на објектот на месната заедница во населба Драчево. Реконструкцијата опфаќа целосна санација на кровот и обнова на фасадата, што ќе придонесе за унапредување на енергетската ефикасност.
Предвидена е комплетна замена на електричната инсталација, водоводната и канализационата мрежа, а греењето и ладењето во новиот објект ќе се одвива со инвертер сплит системи.
Покрај надворешната обнова, објектот ќе добие и целосно нова функционална внатрешност, прилагодена на современите потреби на граѓаните.
„Со реконструкцијата се подобруваат и конструктивните и функционалните својства на објектот, кој подолг период беше во лоша состојба. Новата месна заедница ќе обезбеди модерен, безбеден и квалитетен простор за одржување на состаноци, активности и услуги за жителите на Драчево“, велат од Општина Кисела Вода.
Проектот се реализира со средства од Владината програма за капитални инвестиции, финансирана преку унгарскиот кредит, и претставува дел од пошироката стратегија за рамномерен развој на сите населени места во Општина Кисела Вода.

