Македонија
Попов: Заедно со УМС ќе се придружиме на протестниот собир пред „Силбо“, да изразиме сочуство за Фросина и револт против системот што убива
„Без разлика на политичката определеност, граѓанска должност на секој поединец е да го крене гласот против нефункционалниот систем“, напиша на социјалните мрежи Сергеј Попов, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Убиството на младата Фросина е доказ дека главната борба треба да биде насочена кон тоа да добиеме судии и обвинители што ќе си ја вршат својата работа и нема да дозволуваат апсени криминалци да шетаат на нашите улици.
Заедно со моите колеги од УМС денес ќе се придружиме на протестниот собир пред „Силбо“ да изразиме сочувство за Фросина, како и револт против системот што убива.
Згрозени од обидите на одредени поединци и структури да го политизираат овој случај, ве повикуваме сите во 13 часот да оддадеме почит и да не дозволиме оваа борба за правда и сигурност да биде извалкана и користена за политички поени“, додаде Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
И по 12 месеци да се направи контрола, ќе следат драконски казни за непочитување на законот за нефер трговски практики, вели Димитриеска-Кочоска
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска апелира не само маркетите туку сите компании да го почитуваат Законот за нефер трговски практики и да не ја злоупотребуваат недоволната екипираност на некои институции кои не можат да направат контрола во одреден момент. Кога ќе им биде направена контролата, доколку се утврди непочитување на законите, Димитриеска-Кочоска вели дека ќе следат драконски казни.
„Можеби во овој период одредени државни институции заради лимити во капацитетите и така натаму не можеле да излезат и да ги исконтролираат состојбите меѓутоа знаете дека кога станува збор за пари и финансиски трансакции, сѐ останува за вечно. Ние може да отидеме и после 12 месеци од денес и да направиме контроли и доколку утврдиме, ќе бидат казнети. Затоа апелирам до сите, не само трговските ланци, до сите компании во државата да се почитуваат законите. Ништо повеќе од тоа затоа што во некој момент која било од институциите ќе излезе на терен, ќе направи контрола, ќе се врати назад, ќе следат драконски казни“, рече министерката Димитриеска – Кочоска.
Таа потсети дека и од опозиција предупредувале дека инфлацијата кај нас повеќе е создадена од внатре отколку што е увезена и нагласи дека тој став не го сменила.
„Во континуитет повторувавме со години дека инфлацијата во Македонија повеќе е создадена внатре отколку што е увезена. Јас не сум друга личност, истата Гордана од пред една година. Истото го зборував и тогаш, истото го зборувам и денес. И што кажувам? Да се почитува законот за нефер трговски практики. Ништо повеќе од тоа. Истото ви го кажав и пред неколку месеци, таму некаде во септември, кога се спроведуваа одредени мерки од страна на Владата, истото го кажувам и сега“, вели министерката Димитриеска-Кочоска.
Инспекциите се во контрола и денес, а за резултатите од најавениот бојкот на маркетите, Управата за јавни приходи најави дополнителни информации.
Македонија
(Видео) Марков: Клиниката за дерматологија во време на СДС давала приватни услуги на пациенти и наплаќала надомест незаконски, ЈО да отвори постапка
Раководството од СДС на Клиниката за дерматологија наплаќало услуги од пациенти без да поднесе извештај до Министерството за здравство, истакна на прес-конференција Петар Марков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Клиниката за дерматологија има право да дава услуги на пациенти кои плаќаат со лични средства и странци во делот на козметологија за што е потребно на секои шест месеци да доставува Извештај до Министерството за обемот и видот на извршените здравствени услуги.
Дополнително за да извршува таков тип на работа, Клиниката морала да има согласност од Министерството за здравство, која што ја немало“, вели Марков.
Ова, како што дополни, е констатација на Извештајот на Државниот завод за ревизија изготвен во 2024 година, за периодот од 2023.
„ДЗР констатира дека Клиниката морала да има одобрен ценовник од Министерството за здравство, на база на кој ќе дава и наплаќа услуги, а го немала, со тоа, дадените услуги платени од парите на граѓаните ги наплаќала незаконски.
ЈО да постапи по Извештајот на ДЗР и да ги истражи овие наоди. ЈО да отвори постапка и да утврди како се наплаќани парите, колку се наплаќало и дали дел завршувале и во приватни џебови“, според Марков.
Македонија
„Разбирлива е недовербата во институциите“ – Toшковски најави построги контроли, но најважно е виновниците да бидат санкционирани
Министерот за внатрешни работи излезе со став во јавноста по смртта на 22-годишната Фросина Кулакова која беше усмртена на „Партизанска“ од 20-годишниот Васил Јованов кој бил во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола, а улицата ја поминал на црвено светло. Тој има и проблематично минато со дрога поради кое завршил само во поправна установа со одлука на судија, а и претходно предизвикал сообраќајна незгода без возачка за која поминал со исплатени 18.000 денари.
Министерот Тошковски изрази сочувство до семејство на девојката и констатира дека јавноста, во случајот, со право прашува, како е можно лице со криминално досие, без возачка дозвола, со голем број на претходни прекршувања на сообраќајните правила, повторно да биде зад воланот. Ова не се само дилеми за дискусија, вели министерот, туку реален и сериозен проблем што бара конкретни и неодложни решенија.
Тој соопшти дека возачот е приведен, направени се анализи на крв и урина, обезбедени се сите релевантни докази, но тоа не ја враќа Фросина и не го менува фактот дека системот дозволил ваков рецидивизам.
„Ова е точката каде што мора да се преиспита дали постојните законски решенија се доволни? Дали воспитните мерки за сторители на сериозни дела носат резултати или само создаваат нови жртви? Дали висината на кривичните санкции за најтешките кривични дела во областа на сообраќајот е соодветна или е премногу блага за да има реален превентивен ефект?“, вели Топковски.
Најави дека ставање во функција на системот „Безбеден град“, ќе се овозможи автоматско санкционирање на сообраќајните прекршувања, без селективна правда, без оправдувања, без влијание на човечки фактор. Контролата ќе биде построга, казните неизбежни. Но, ниту едно техничко решение нема да биде доволно ако правосудниот систем не гарантира соодветно санкционирање, особено за оние кои веќе еднаш покажале дека се опасност за другите, вели Тошковски.
Според него, гневот е разбирлив, а недовербата во институциите е оправдана, но ова не смее да заврши само со пишување на гневни статуси по социјалните мрежи и протести што ќе траат неколку дена. Промените мора да бидат реални. Секој во системот мора да ја понесе својата одговорност.