Македонија
Поради густа магла, откажани два лета на скопскиот аеродром

Од 8 часот наутро до 11.30 часот два лета беа откажани на Меѓународниот аеродром „Скопје“ како резултат на ниската видливост поради густата магла.
Очекуваме подобрување на временските услови по 12 часот напладне.
За евентуални промени во редовниот распоред на летови, ги упатуваме патниците да ја следат нашата веб-страница www.skp.airports.com.mk, каде што сите промени на летовите се ажурираат во реално време, како што ги добиваме во нашите системи.
За итни информации, патниците може да се јават на шалтерот за информации на телефонскиот број: +389 2 3148 333.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кирков: Во ЗОО Скопје се работи аматерски, бараме оставка од управата

Дел од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје направи посета на јавната установа Зоолошка градина, а тоа произлегува од последните настани, кои се случуваат во оваа јавна установа, во која за помалку од еден месец пцовисаа повеќе животни, изјави советникот Стефан Кирков.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека ги побаравме одговорите од менаџментот на оваа установа, но како и секогаш, тие се на целосно игнорирање кога се работи за прашања поврзани со оваа установа и немаше никој да нѐ испочитува и да ни каже што конкретно се случува во оваа установа. Оттука, сакаме да ја информираме целата јавност дека советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, кога се работи за Зоолошката градина и сето она што требаше да биде изгласано и донесено како предлог до нас, сето тоа беше поминато и уредно навремено изгласано“, рече тој.
Кирков рече дека за кратко време пцовисале повеќе од 40 егзотични животни под нерасчистени околности.
„Исто така, сакаме да потенцираме дека и во вчерашниот ден на моја пријава, АХВ веднаш постапи и направи вонреден инспекциски надзор и, според нашите сознанија, констатирани се низа прекршоци и изречена е финансиска казна за правниот субјект и за директорот затоа тоа што сакале да ја прикријат смртта на две лами, кои починале неодамна, пред неколку дена, т.е. за што е констатирано и дека имале една заразна болест туберкулоза, болест која е пренослива, замислете и на луѓе. Исто така, од страна на АХВ констатирано е дека и другите две лами ги имаат симптомите на туберкулоза и наредено е веднаш да бидат изолирани од посетителите и од другите животни“, рече Кирков.
Тој додаде дека во ЗОО се работи тотално аматерски.
Кирков побара оставки од целиот менаџмент на установата, како и брза реакција на градоначалничката на Скопје поради тоа што, кко што рече, сите препораки на АХВ ќе доведат и до клуч на оваа установа поради небезбедни услови.
Македонија
Усвоена стратегија за соработка на Владата со невладиниот сектор 2025 – 2028

Денес на владина седница беше усвоена Стратегијата на Владата за соработка и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028
Стратегијата 2025–2028 е фокусирана на две приоритетни области: создавање поволна средина за функционирање и развој на граѓанското општество, како и зајакнување на партнерството помеѓу граѓанските организации и јавните институции.
„Овој документ е резултат на заедничка посветеност и отворен дијалог – почнувајќи од јавниот повик во ноември 2024 година, заедничката работна група со граѓанските организации, консултациите преку платформата ЕНЕР, јавните расправи со поддршка од Центарот за ресурси за граѓански организации, па сè до интегрирањето на препораките и коментарите добиени од пошироката граѓанска заедница и институциите. Позитивната оценка дадена од Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество го потврдува квалитетот и посветеноста зад овој документ“, соопштија од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за политики на добро владеење.
Од таму додаваат дека оваа стратегија не е само формален документ – таа е конкретна заложба за зајакнување на улогата на граѓанското општество во демократскиот живот на нашата земја.
Македонија
Муртезани: Посетата на Париз во знак на продлабочување на партнерството со Франција

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ја заокружи својата дводневна работна посета на Француската Република со низа значајни средби посветени на проширувањето на Европската Унија, билатералната соработка со Франција, како и регионалните и геополитичките случувања, во контекст на европската безбедност.
Денеска во Париз, министерот Муртезани имаше состанок во Институтот „Жак Делор“, каде со Бенжамен Куто, истражувач специјализиран за европската политика за проширување со фокус на Западен Балкан и Турција, со Рене Трока – специјален пратеник за Западен Балкан и со Маргерит Коста де Боргар – раководителка на Одделот за Западен Балкан во Министерството за Европа и надворешни работи се разговараше за тековните геополитички предизвици, кредибилитетот на политиката на проширување на Унијата и потребата од зајакнување на европската перспектива на регионот преку поконзистентна поддршка и видливост на реформските процеси.
Муртезани ја потенцираше важноста од вклучување на експертската и академската заедница во обликувањето на јавниот дискурс за проширувањето, како и улогата на Институтот „Жак Делор“ во зајакнувањето на разбирањето за европската агенда на регионот.
Во рамки на посетата, Муртезани оствари и средба со Лилијана Танги, пратеничка во Националното собрание на Франција и припадничка на француската парламентарна група за пријателство со Северна Македонија, при што беше истакната важноста на парламентарната поддршка за европската интеграција на земјата, како и потенцијалот за унапредување на билатералната соработка на парламентарно ниво.
На средбите со извршниот директор на „Експертиз Франс“, Жереми Пеле и директорот за Европа при Француската агенција за развој (AFD), Сирил Белје, беа разгледани можностите за натамошно унапредување на соработката преку мобилизирање на финансиски инструменти и грантови достапни преку AFD, PROPARKO и Expertise France, како и во согласност со билатералниот договор потпишан меѓу двете влади во 2021 година. Особено беше нагласена важноста на програмите за институционално јакнење и развој на човечки ресурси, како што е „Formacion Administrative Superior“ (FASP), во подготовката на јавната администрација за спроведување на европските стандарди и регулативи.
Со овие средби се заокружува агендата на посетата која започна со билатерални разговори со министерот задолжен за Европа при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Бенжамен Хадад, Емануел Пуизе-Жовен – генералниот секретар за европски прашања при Кабинетот на премиерот на Франција, како и претставници на француските институции вклучени во европските и билатералните програми за поддршка.
„Посетата на Париз ја реафирмираше заложбата за продлабочување на француско-македонското партнерство и отвори нови перспективи за конкретна соработка во рамки на европската интеграција, развојната агенда и регионалната стабилност“, соопшти Министерството.