Македонија
Поради сообраќајка, затворен дел од патот Штип-Кочани

Сообраќајот на патот Штип-Кочани е во прекин поради сообраќајна несреќа.
АМСМ информира дека од 16:40 часот сообраќајот на магистралниот пат Штип-Кочани е во прекин поради сообраќајна незгода помеѓу село Чешиново и село Облешево.
Сообраќајот се пренасочува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Порака на Гаши од Рим: Без интеграција во ЕУ на Балканот, ризикуваме создавање на географски вакуум

Претседателот на Собранието, Африм Гаши и делегацијата во посета на Италиjа имаше средба со сенаторката Ема Паванели, која е и претседателка на Билатералната група за соработка со државите од Балканот на Италијанскиот Парламент и членовите на Групата, по која следеше средба со Џулио Тремонти, претседател на Комисијата за надворешна и европска политика, Дом на пратеници на Парламентот на Италијанската Република. На средбата присуствуваа и членовите на Комисијата и Џиљо Виња, претседателот на Комисијата за политики за ЕУ.
„На средбите претседателот Гаши подвлече дека билатералните односи меѓу РС Македонија и Италијанската Република во континуитет повеќе од три децении се одвиваат на отворен, искрен и пријателски начин и без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, силно стратешко партнерство и долгогодишна конструктивна соработка и поддршка како на билатерален, така и на мултилатерален план. Континуираната поддршка сведочи за визијата на Италија за интегриран и стабилен Западен Балкан во НАТО и во Европската унија, чиј заеднички именител е просперитетен регион без конфликти и отворени прашања“, соопштија од Собранието.
На средбите, Гаши се задржал на скрининг процесот, кој заврши пред 2 години, со високи оценки од Европската комисија и изрази очекување дека за време на полското претседавање со Советот на ЕУ ќе се испрати конкретен и јасен сигнал до сите земји-членки, дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија е повеќе од императив, како и проценка дека секое натамошно одолговлекување на процесот на проширување на Унијата ќе значи натамошно влошување на ситуацијата, кое ќе се рефлектира како на економски, енергетски, безбедносен, така и на политички план.
Пратеничката Ласовска се осврна на придонесот на Македонија во политиките на Унијата иако не е членка на Унијата, од поддршка за време на мигрантската криза, преку усогласување со заедничката безбедносна политика до приклучување на санкциите од Унијата.
„Наместо членството да се заснова на придонес и исполнување на Копенхашки критериуми, истото е условено од билатерален спор. Тоа придонесува за негативна перцепција на граѓаните и намалување на нивната поддршка за членство во Унијата“, рече таа.
Пратеникот Ковачевски истакна дека поддршката и разбирањето од Италија за придонесот на нашата држава во европските процеси треба да се пренесе и меѓу земјите членки на Унијата. Особено затоа што, како што рече, членството на нашата држава во Унијата, нема да е придобивка само за државата, туку и за Унијата.
На средбите беше истакната и подготвеноста за натамошна взаемна поддршка и соработка меѓу постојаните делегации во парламентарните собранија на НАТО, Советот на Европа, OБСЕ, Медитеранот, ИПУ, како и конструктивната соработка во рамките на Јадранско-Јонската Иницијатива, и во Централно-европската Иницијатива, каде Италија е земја-основач.
Присутните се заложија за унапредување и на повеќе сегменти на меѓудржавна соработка, во економијата, но и во културата, образованието, туризмот и здравството, а Протоколот за соработка овозможува отпочнување на повеќе иницијативи за размена на искуства и парламентарни практики од взаемна потреба и интерес.
Македонија
Средба Гаши – Фонтана: потврдена поддршката на Италија за евроинтеграциите на Македонија

Денес претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши, во рамки на посетата на Италијанската Република оствари средба со Лоренцо Фонтана, претседател на Долниот Дом на Италијанската Република. На средбата присуствуваа и членовите на Пратеничка група на Собранието на РСМ за соработка со Парламентот на Италијанската Република: Благица Ласовска, Димитар Ковачевски и Мимоза Муса, како и Марина Димовска, генерален секретар на Собранието РСМ.
Гаши истакна дека Италија е посведочен пријател на Република северна Македонија и поддржувач на нашата стратешка цел – полноправното членство во Европската Унија, осврнувајќи се на двете резолуции усвоени во Домот на пратеници на Италијанската Република.
Гаши искажа очекување дека Советот на ЕУ ќе даде јасен сигнал дека започнувањето на преговори со Република Северна Македонија треба да е повеќе од императив за Унијата, особено имајќи ги во вид фрагилните и деликатни геополитички состојби. Соработката меѓу двата парламенти ја оцени како динамична, особено преку Протоколот за соработка кој ќе овозможи размена на искуства, надградба на знаењата и проширување на визиите за парламентарното работење. Несомнено, мост на поврзување меѓу двете држави е и бројната дијаспора во Италија која брои околу 100.000, која е добро етаблирана и ценета во Италија. Во овој контекст ја подвлече важноста од усвојување на Договорот за социјална сигурност од страна на Италија.
Претседателот Фонтана ја потврди поддршката на Италија за евроинтеграциите на Република Северна Македонија и подвлече дека државата веќе направила големи компромиси на тој пат. Искажа надеж дека вратите на Европската Унија ќе се отворат што поскоро затоа што членството во Унијата не е придобивка само за аспирантите туку и за самата Унија.
Соговорниците се согласија дека одлична политичка соработка, како и динамична економска соработка нуди простор за натамошно продлабочување и прширување во сите сфери од замен интерес. Во таа насока изградбата и последователниот развој на Паневропскиот Коридор VIII и вклучувањето во рамката за макро-регионална соработка на ЕУ треба да остане приоритет, како и вклучување во мрежите за интерконективност – инфраструктура, енергија, комуникации, кои се клучни за развојот на целиот регион на Западен Балкан.
Вчеравечер, во Амбасадата на Република Северна Македонија во Рим беше организиран прием на кој се обрати претседателот Гаши. На приемот присуствуваа студенти и професори од Македонија, претставници од малите и средни бизниси, одбраната и безбедноста, религијата и општествениот живот во Италија.
Македонија
(Видео) Спасовски: СДСМ поднесе предлог Закон за поддршка на настраданите во трагедијата во Кочани

Пратеничката група на СДСМ и коалицијата денеска во Собранието на Република Северна Македонија, поднесе предлог-Закон за поддршка на настраданите во пожарот во дискотеката во Кочани, како и за членовите на нивните семејства. Предлогот е поднесен по скратена постапка.
„Сметаме дека после настанот што се случи на 16-ти март оваа година во дискотеката во Кочани, државата има обврска да има институционален одговор, за којшто постојано укажуваме. Мора да имаме и брз институционален одговор којшто пред сè ќе даде поддршка на семејствата на жртвите и на оние лица коишто настрадаа во пожарот во Кочани“, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски.
Законот предвидува директна финансиска поддршка за семејствата на загинатите, како и низа мерки од сферата на социјалата, здравството и работните односи за сите настрадани.
„Овој чин нема да ги залечи болките, но е сигнал дека државата стои зад своите граѓани. Очекуваме поддршка од сите пратеници и политички партии – да испратиме порака на единство, солидарност и одговорност“, рече Спасовски.
Тој потенцираше дека институционалниот одговор ќе значи темелна промена на многу законски решенија, коишто ќе придонесат за поинакво функционирање на целиот овој систем.
Пратеничката група на СДСМ како одговорна и како совесна партија, понуди решение и секогаш ќе нуди решенија коишто ќе бидат од интерес на државата и на граѓаните.
„Очекувам, и ги повикувам сите политички партии, сите пратеници во законодавниот дом да се обединиме околу ова законско решение да ја испратиме таа порака на единство и на солидарност и заеднички да го изгласаме законско решение коешто ќе биде за поддршка на семејствата на повредените од несреќата во Кочани“, порача Спасовски.