Македонија
Пораки за имунизација и рамномерен пристап до вакцините беа испратени по повод Светскиот ден на здравјето
Сите лидери и меѓународни партнери да се водат од начелата на инклузивност и правичност при правењето планови за одговор на Ковид-19 и за закрепнување од последиците од пандемијата, со цел да се изгради поправичен и поздрав свет за сите. Ваква порака испрати Светската здравствена организација и нејзините сестрински агенции од системот на Обединетите нации по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето.
Од канцеларијатата на СЗО во Скопје соопштија дека пандемијата со Ковид-19 ги изнела на виделина постоечките разлики меѓу луѓето од аспект на возраста, родот, образованието, вработувањето, пристапот до чиста вода и чист воздух и, секако, пристапот до здравствена и социјална финансиска заштита.
„Премногу често најтешки последици трпеа токму ранливите заедници, кои беа поизложени на болеста и со отежнат пристап до квалитетни здравствени услуги. Како последица од ваквата состојба, овие заедници се под поголем ризик од појава на негативни последици како резултат на мерките што се спроведуваат за запирање на ширењето на пандемијата“, наведуваат од канцеларијата на СЗО во Скопје.
По повод одбележувањето на овој ден, министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека светот повеќе од една година се бори со коронавирусот – новите видови и новите предизвици кои ги носи оваа голема здравствена криза. Сепак, посочи министерот, оваа година е година на вакцинацијата и изрази надеж дека ќе биде последната во која живееме со мерки, рестрикции и ограничувања.
„Вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, но, за жал, таа не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот. Побарувачката на вакцини е огромна, а капацитетите за производство ограничени. Ние правиме сè за да ги зголемиме количините на вакцини во нашата земја. Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, сè што е во наша надлежност го направивме исклучително брзо и професионално, а подоготвка за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Денес имаме добро поставен и ефективен механизам за вакцинирање кој започна да се спроведува. Искрено верувам дека малата достапност на вакцини во светот наскоро ќе биде минато, а потоа, деноноќно ќе работиме за што пократко време да вакцнираме што поголем број граѓани“, изјави Филипче.
Министерот апелира на трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период.
Претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева-Старделова, порача дека здравјето е основно човеково право, а секоја личност заслужува да живее здрав живот без оглед на возраста, полот, етничката припадност и економската состојба.
„Во периодот што измина се соочивме со многу предизвици во менаџирањето на сите нивоа на здравствениот систем, со дел од нив тековно се справивме, но дел ќе треба да се разгледаат и разрешат во периодот што следи. Воедно, исплива на површина и потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството“, рече Гривчева-Старделова.
Таа нагласи дека од круцијално значење за справување со пандемијата е обезбедувањето оптимални количини на вакцини за да се постигне масовна имунизација, но и одржливо обезбедување на неопходен здравствен персонал.
По повод 7 Април, специјалната награда од Македонското лекарско друштво ја доби Македонското здружение на инфектолози за секој поединец инфектолог во првите борбени столбови во пандемијата со Ковид-19.
Проф. д-р Елена Трајковска-Докиќ, проф. д-р Сашко Јовев, прим. д-р Гордана Кузмановска и прим. д-р Елизабета Зафировска, пак, се добитници на повелбата „Трифун Пановски”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во Армијата, велат од СДСМ
Две години нема зголемување на платите во Армијата, со Мицкоски и ВМРО нема поголеми плати ниту во одбраната, велат од СДСМ.
Во времето на СДСМ, додаваат од опозициската партија, платите растеа во сите сектори, платите псотојано се зголемуваа 7 години а парите завршуваа кај граѓаните.
„Со ВМРО парите завршуваат во криминални тендери, Владата на Мицкоски нема пари за поголеми плати во Армијата, нема пари за поголема минимална плата, нема пари за поголеми плати.
Криминалот и корупција заедно со политиките на изолација на владата на Мицкоски директно се одразуваат на влошување на економијата, значат помалку пари, преполовени инвестиции, несигурност“.
Според СДСМ, дупката во буџетот е огромна, недостасуваат, како што велат, од околу 2 милијарди евра.
„Тоа носат политиките на изолација, на анти ЕУ кампања и против САД. Затоа со ВМРО сме во група на земји со Сомалија.
Одбрана на земјата е многу важно прашање, како членка на НАТО мора да имаме силна одбрана, задоволни и мотивирани војници“.
Македонија
САД нема да им даваат визи, Мицкоски конечно најде стратегија како да ги задржи младите во Македонија, вели Жерновски
Поранешниот амбасадор на Македонија во Романија и поранешен заменик-министер за надворешни работи, Андреј Жерновски, со критики за владината политика по одлуката на САД за суспендирање на имигрантските визи.
„Нема виза ни за периметарот. Браво за Мицкоски! Конечно најде „стратегија“ како да ги задржи младите во Македонија – така што САД нема да им даваат визи“, напиша на социјалните мрежи Жерновски.
„Не со подобри плати, не со квалитетно образование, не со сигурни институции, туку со меѓународни рестрикции.
Од една страна, владата зборува дека ќе направи сè младите да останат дома. Од друга страна, под нејзино водство, Македонија завршува на листа на земји за кои САД ја суспендираат имигрантската политика. Ако ова е планот – тогаш навистина функционира: не заминуваш затоа што сакаш, туку затоа што не можеш.
Ова не е политика за младите, туку политика на затворање. Наместо да создаде услови поради кои младите би избрале да останат, власта создава услови поради кои светот им ги затвора вратите.
Мицкоски ветува иднина во Македонија, а испорачува изолација.
Ветува надеж, а носи рестрикции.
Ветува перспектива, а добивме повик за будење од реалноста.
Неговите „одлични, специјални односи“ со САД и со Трамп се толку одлични, што реалноста ни донесе повисоки царини за македонските производи и суспендирани визи за македонските граѓани.
Мицкоски веќе втора година нè убедува дека е „во периметарот на Трамп“, па затоа сето ова е резултат на лажно прикажаните односи и слабата дипломатија.
Погубно е вината да ја бараме во САД, бидејќи проблемот лежи во митот за „прв другар со Трамп“, кој мит е креиран и постои само во домашната пропаганда. Затоа, ова не е проблем на Вашингтон, туку на неспособната и саморекламерска надворешна политика, која повеќе служи за па-ар стратегија, отколку за заштита на интересите на македонските граѓани.
Вистинската опозиција денес има обврска да го каже ова јасно: додека Мицкоски зборува за пријателства, Македонија плаќа цена.
А тоа е најсилниот доказ дека „специјалните односи“ постојат само во неговите изјави – не и во реалниот свет“, објави Жерновски.
Македонија
Хоџа со делегација од СКСЗМ: Бизнис секторот важен партнер во усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес одржа работен состанок со делегација од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ), предводена од в.д. претседателот Нухи Алиу.
За време на состанокот, на кој членовите на комората му го честитаа мандатот на Хоџа, беше договорено страните да го продлабочат институционалното партнерство и размената на идеи за прашања од заеднички интерес.
На состанокот се разговараше за теми поврзани со имплементацијата на еколошките стандарди, просторното планирање, управувањето со отпадот, енергетската ефикасност, како и влијанието на еколошките политики врз економскиот развој и бизнис-климата во регионот каде што дејствува СКСЗМ.
Хоџа истакна дека Министерството за животна средина и просторно планирање го смета бизнис-секторот за важен партнер во изградбата на одржлив развој и усогласувањето на еколошките политики со реалните потреби на економијата. Тој нагласи колку е значаен отворениот дијалог и континуираната комуникација за пронаоѓање практични и избалансирани решенија.
Претставниците на СКСЗМ изразија подготвеност за понатамошна соработка, претставувајќи ги предизвиците со кои се соочуваат бизнисите, како и конкретни предлози за подобрување на процедурите и поддршка на зелени инвестиции.

