Македонија
Посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи информира дека денеска поради одржување на манифестација по повод годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје по потреба ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот, односно по потреба за сообраќај ќе биде затворена ул.„Самоилова“ на потегот од ул.„Иљо Војвода“ (виадукт Самоилова) до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“.
Исто така попладне поради одбележување на верскиот празник Велигден ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на одредени сообраќајници во централното градско подрачје на Град Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром по повод верскиот празник Велигден.
– Во периодот од 18 часот до завршување на манифестацијата по повод верскиот празник Воскресение Христово Велигден, во центарот на градот по потреба за сообраќај ќе бидат затворени: 1. Бул.„Партизански одреди” од крстосницата со ул.„Франклин Рузвелт” до крстосницата со бул.„ВМРО”. 2. Бул.„Св.Климент Охридски” од крстосницата со бул.„Илинден” до крстосницата со ул.„Димитрие Чуповски”. 3. На возилата од јавниот градски превоз, кои поминуваат преку мостот „Гоце Делчев”, по потреба ќе им се менува трасата на движење, при што ќе се движат по бул.„Илинден” и преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, додека автобусите кои што поминуваат преку Центар ќе се движат по ул.„Митрополит Теодосиј Гологанов”, по што преку ул.„Франклин Рузвелт” ќе се вклучуваат на бул.„Партизански Одреди”, се наведува во соопштението.
Во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници.
Во општина Ѓорче Петров, по потреба, за сообраќај ќе се затвори ул.„Македонска војска“ пред црквата „Свети Петар и Павле“ на потегот од крстосницата со бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, по потреба, за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон с.Лисиче. Исто така, по потреба за сообраќај ќе бидат затворани и други сообраќајници кои гравитираат околу верските објекти.
-Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните, наведуваат од МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Митева: Скандалот во правосудството покажува дека СДС и ДУИ воспоставиле криминален систем
Последните случувања со големиот скандал за земање мито од 10 илјади евра од страна на судијата Наќе Гроргиев и второсомничениот јавен обвинител Иџет Мемети е само уште еден доказ дека во Македонија власта на СДС и ДУИ, наместо правен, воспостави криминален систем, изјави портпаролката н ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Колку е огромен овој скандал потврдува и фактот што станува збор за кривично дело земање поткуп од судија и јавен обвинител, а ова противправно дејство е со единствен цел – обезбедување олеснителни околности за кривичен случај, кој се води против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев. Додека сите ние чекаме и бараме правда, одговорните за спроведување на правдата се први во криминалот. Не залудно на сите мерења на јавното мислење довербата во судството, Обвинителството и правосудниот систем во целина е на поразителни 1 %, историски најниско ниво на доверба додека токму власта на СДС и ДУИ ги убедуваше граѓаните дека тие се европски фронт. Ова е уште еден доказ зошто во Македонија нема систем, нема функционални институции, нема правда и со сигурност граѓаните немаат мир“, рече Митева.
Како што додаде, по откривањето на скандалот со корупција во највисоките редови во правосудството, логично се поставува прашањето дали овој случај со ексградоначалникот и митото од 10 илјади евра е единствен случај на овие два функционера во правосудството.
Таа праша дали и колку илјадници евра биле барани за случаите со финансиски криминали, трговија со дрога, убиства и слично за кои јавноста е сведок дека не видовме ниту право ниту правда? Дали е точно дека во правосудството само во изминатите неколку години биле рекетирани неколку милиони евра? Колку „накевци“ и „иџетовци“ инсталираа СДС и ДУИ во македонското правосудство? Остана да лебди и прашањето дали и колку длабоко пипалата на судскиот октопод се раширени во системот и дали главата на тој октопод се, всушност, функционери на власта на СДС и ДУИ?
ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните органи од почеток до крај, од првиот до последниот, темелно да го истражат и овој, но и многу други случаи за кои има основано сомнение.
Македонија
На скопскиот аеродром спречен влез на 1,7 тони медикаменти, кои се штетни за здравјето на граѓаните
Царинските службеници на влез на Меѓународниот аеродром „Скопје“ спречија влез на 1,7 тони медикаменти, „силденафил цитат упс“ и „сибутрамин“, кои се штетни за здравјето на граѓаните.
Лековите не се регистрирани во Агенција за лекови, а фирмата увозник немала ниту дозвола за промет на големо со медицински средства, односно не е впишана во регистарот на правни лица за вршење ваков вид дејност.
По вештачењето, утврдено е дека медикаментите „сибутрамин“ се супстанција што се наоѓа на националните листи на контролирани опојни дроги и психотропни супстанции и таа претставува стимуланс на централниот нервен систем. Уште повеќе, утврдено дека таа предизвикува појава на срцеви и мозочни удари поради што медикаментите што содржат „сибутрамин“ се забранети за продажба од страна на ЕУ од 2010 година.
Медикаментите „силденафил цитат упс“ („вијагра“), пак, претставуваат супстанција што влегува во состав на медикаменти за лекување и таа подлежи на контролирана продажба.
Случајот е преземен од Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, при што против правното лице ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
Македонија
Скопје и Прага со меморандум ќе работат на имплементација на конкретни проекти
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, во рамките на работната посета на Чешка оствари официјална средба со градоначалникот на Прага, Бохуслав Свобода. Градоначалниците разговара на повеќе теми за интензивирање на соработката на двата града и почнување конкретна реализација на проекти од областа на транспортот, животната средина, цивилната заштита, здравството и економијата.
Арсовска и Свобода ја истакнаа потребата од градење нови пријателства, интензивирање на соработката, која истовремено ќе создаде можности за поврзување и работа на заеднички проекти, особено во областа на културата, образованието и туризмот, а во рамките на Скопје – европска претстолнина на културата 2028.
Во Прага градоначалникот Свобода организира работни средби во Градското собрание на Прага за планот за одржлива мобилност, зелениот климатски план 2030 и успешно беа договорени идните мерки и решенија што треба да бидат преземени за подобрување и унапредување во повеќе области во Скопје со соработка со Прага.