Македонија
Посебни паркинг-места за трудници и за семејствата со деца до тригодишна возраст во Скопје и Велес
На неколку локации во Скопје и Велес се обезбедени паркинг-места наменети за бремените жени и за семејствата со деца до тригодишна возраст во рамките на проектот „Безбедни семејни паркинг-зони“.
„Сметам дека со реализацијата на овој проект, насочен кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, навлеговме во сржта на наједноставните, но неизмерно важни потреби на одредени категории наши сограѓани. Во овој случај тоа се бремените жени и семејствата со деца до тригодишна возраст за кои обезбедивме законски, но и реални услови за поставување соодветни паркинг-места наменети исклучиво за нив. Тие паркинг-места се утврдени на најповолните локации што им се потребни на овие граѓани, и тоа пред здравствени установи, одредени центри за пазарење, како и пред јавни објекти кои првенствено се наменети за најмладите. Водевме грижа овие паркинг-места да бидат поставени и на најсоодветните места, односно при влез-излез на самата паркинг-зона, а и просторот за паркирање е поголем од вообичаениот и поудобен за потребното маневрирање на родителите или трудниците“, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Засега, додаде тој, вакви безбедни зони за паркирање за бремените жени и за родителите на деца до тригодишна возраст се обезбедени во општините Центар, Чаир и во Велес, во станиците за технички преглед на АМСМ, но и во речиси 12 зони за паркирање на јавното претпријатие „Градски паркинг“.
„Ќе издвојам неколку локации – во Клиничкиот центар, за Клиниката за гинекологија и акушерство, каде што имаме обележани четири вакви паркинг-места. Пред болницата ‘8 Септември’ имаме уште три, а исто толку обезбедивме и пред Зоолошката градина. Или, во рамките на ‘Градски паркинг’ засега имаме вкупно 27 вакви паркинг-места. Лично се залагам оваа бројка во иднина значително да ја зголемиме. Воедно, работиме и на зголемување на бројот на обележани паркинг-места и за лицата со посебни потреби. Засега проектот е малку повеќе концентриран во Скопје со оглед на зголемениот сообраќај и недостигот од паркинг-места. Но, многу бргу тоа ќе се реализира и во други општини, како Охрид, Велес, Битола, Тетово, Штип, Куманово, односно во поголемите градови, каде што учесниците во сообраќајот се соочуваат со истиот недостиг од паркинг-места“, најави Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦУК: Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла
Пронајдени се двете женски лица кои се изгубија на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
„Добиена е повратна информација од Полициската станица Драчево дека двете женски лица се пронајдени на црн пат помеѓу Долно Количани и Батинци. Лицата се во добра здравствена состојба и со возило, во придружба на полицијата, веќе се движат кон Драчево. Појаснуваме дека, поради грешка во првичната комуникација, не станува збор за странски државјанки, туку за државјанки на Р.С.Македонија“, стои во известувањето од ЦУК.
Македонија
ЦУК: Две странски државјанки изгубени на патот кон Дрисла – полицијата упатена на терен
Преку единствениот број за итни повици 112 добиена е информација дека две женски странски лица, кои патувале со возило, се изгубиле во реонот на патот кон Дрисла, информираат од Центарот за управување со кризи.
Оттаму велат дека ЦУК е во постојана комуникација со МВР и Полициската станица Драчево, од каде е побарано упатување екипа на терен.
Полициска екипа од ПС Драчево е веќе упатена кон локацијата и постапува по случајот, соопшти ЦУК.
Македонија
(Фото+видео) „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“ – марш за загинатите во кочанската дискотека
Илјадници граѓани и родителите на жртвите од Кочани денеска маршираа во Скопје. Побараа правда и одговорност.
Маршот во организација на Здружението на граѓани „16 Март 2025“ од Кочани и иницијативата „Кој е следен“ почна во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, продолжи кон Собранието на Македонија, а заврши пред Основниот кривичен суд.
Се движеа носејќи фотографии од загинатите и транспаренти на кои пишуваше: „63 сенки ќе ве следат – секој поглед бара правда“, „Моето дете беше убиено од систем кој не штити туку убива“, „Колку детски животи треба да згаснат за да се разбудите?“, „Ние изгубивме, вие се уште имате за што да се борите“…


Сопругата на пејачот Андреј од ДНК, Наталија Ѓорѓиеска, побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за целосно и независно испитување на случајот.
„Истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, без одговор и недоразјаснети околности. Ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена“, кажа Ѓорѓиеска.


Судењето за пожарот во Кочани почнува во среда. Предвидено е неделно да се одржуваат по најмалку две рочишта. Обвинителство распореди 15-мина обвинители кои ќе настапуваат во тимови. Ќе им се суди на сопствениот на дискотеката, фирмата за обезбедување, тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување. Обвинети се за пожарот во Пулс каде загина 63 лица, а над 200 беа повредени.

