Македонија
Посетата на нашата делегација во НАТО беше еден голем дебакл, велат од СДСМ
Откако спадна прашината која ја креваше ВМРО-ДПМНЕ со лажната пропаганда, може да се заклучи дека посетата на нашата делегација во НАТО беше еден голем дебакл.
Мицкоски и владината делегација не остварија ниту една значајна средба со стратешките партнери, не испратија ниту една конкретна порака за да ги подобрат позициите на државата во меѓународни рамки или пак во однос на Грција и Бугарија, велат од СДСМ.
„Мицкоски се обиде да ја скрие средбата со Главчев, за која бугарскиот премиер рече дека била „долга и широка“, без да ни каже што побарал и дали воопшто нешто од тоа што дома го кажува му го пренел на Главчев. Со тоа е јасно дека ништо од она што го ветуваше не смеел ниту да го стави на маса, а Главчев јасно повтори дека позициите на Бугарија остануваат непроменети.
Додека грчкиот премиер неколку пати јасно ги повтори своите позиции во САД, Мицкоски имаше протоколарни средби на ниско ниво додека неговите министри се сликаа во околните кафулиња.
Бугарија и Грција јасно си ги заштитија своите позиции, силно го испромовираа својот наратив, а Мицкоски сними едно видео доцна во ноќта во кое ни кажа дека гордо ја бранеле државата. Наместо да се обиде да го среди хаосот кој неговата Влада го созададе за само три недели, Мицкоски се уште верува дека ако силно повторува колку е горд ќе успее нешто да промени. Очигледно или е целосно исклучен од реалноста или има јасни намери да ги наруши позициите на земјата и да тера по сосема друг пат“, се вели во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

