Македонија
Поставен нов софистициран скенер во „Пошта“, ќе скенира стотици поштенски пратки во минута
Со капацитет за скенирање стотици поштенски пратки во минута со помош на вештачка интелигенција, скенер поставен во Царинска испостава Пошта ќе помага во детекција на огнено оружје, дрога и експлозиви. Скенерот за поштенски пратки што денеска беше презентиран на официјален настан e донација од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал во рамки на проектот Хермес 2, чија цел е спречување нелегална трговија со огнено оружје и експлозиви преку поштенски пратки во земјите од Западен Балкан.
„Скенерот за поштенски пратки е од големо значење во заедничката борба против тероризмот, спречување пролиферација на мало и лесно оружје и недозволена трговија со дрога. Годинава во царинската испостава Пошта, каде е поставен скенерот, поминале над 100 илјади пратки, што кажува за значењето што оваа опрема ќе го има врз контролата на поштенските пратки. На овој начин, службите ќе бидат насочени да извршат навремена и прецизна проверка на сомнителните пратки“, истакна директорот на Царина, Бобан Николовски.
Николовски потенцира дека донацијата е силен доказ за заедничката посветеност на државите во справувањето со криминалот на меѓународно ниво, преку здружени напори и усогласен одговор на сите предизвици.
„Наша обврска како институции е да одговориме на предизвиците со сите капацитети што ни стојат на располагање, се со цел ефикасно сузбивање и целосно разобличување на криминалот“, потенцира тој и притоа се заблагодари на Канцеларијата на ОН, и на донаторите Германија, Шведска, Холандија, Франција, Обединетото Кралство и Норвешка за нивната севкупна поддршка во борбата против организираниот криминал.
На настанот свое обраќање имаа и Киро Цветков од Канцеларијата на ОН за дрога и криминал и директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши.
„Поседување на делови и компоненти од огнено оружје е кривично дело согласно Кривичниот законик. Еден од најчестите начини на криумчарење оружје е преку испраќање на нивни делови и компоненти во поштенски пратки. Со донацијата на скенерот, ставаме акцент на деловите и компонентите преку вградена вештачка интелигенција која ги препознава и ги детектира сомнителните пратки кои содржат ваква стока. Истовремено, институциите работат на измени на Законот за кривична постапка, кои ќе овозможат употреба на посебни истражни мерка за делата поврзани со делови и компоненти на огнено оружје со што би се овозможило употреба на симулирана достава и фаќање на сторителите на дело“, истакна Киро Цветков програмски офицер на Канцеларијата на ОН за дрога и криминал.
Куртиши упати особена благодарност за обуката низ која поминале службите кои ќе работат на скенерот, при што особено ја нагласи важноста на скенерот во навремено откривање на пратки со забранети супстанци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

