Македонија
Постои ризик да се соочиме со нов силен бран на ковид, вели министерот Филипче
Соочени сме со огромен ризик во претстојниот период да имаме нов силен бран на ковид и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници, изјави министерот за здравство Венко Филипче пред почетокот на состанокот со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Филипче се надева оти претставниците на синдикатите ќе сфатат колку е важно да се усвојат новите мерки кои ќе се најдат на седница на Владата.
Согласно мерките на Комисијата за заразни болести, се предлага сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа, за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР-тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.
Комисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.
Во врска со барањето на синдикатите за бесплатен брз антигенски тест или тие кои го прележале вирусот наместо не постара од 45 дена да приложат потврда за шест месеци, Филипче изјави дека не секој има соодветен имунитет по прележувањето. Тој е дециден дека граѓаните треба да се вакцинираат. Јасен е ставот и на Светската здравствена организација и на релевантните научни институции, вели министерот, дека вакциналниот имунитет е тој кој долго трае и кој штити, нема контраиндикација за рано вакцинирање по прележана болест.
Филипче додаде дека здравствените работници треба да се пример како се штити сопственото здравје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

