Македонија
Постојано се зголемува бројот на ковид-пациенти во болниците, во Скопје за еден ден хоспитализирани 70 лица
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 1.537 и има околу 250 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму додаваат дека во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, со исклучок на главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 916 пациенти позитивни и суспектни на вирусот. Во Скопје бројот на ковид-пациенти е 621, од кои само во последните 24 часа биле хоспитализирани 70 лица. Голем дел од овие пациенти се на кислородна поддршка.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 80 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 96 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 40 пациенти, во Велес се лекуваат 68 лица, а во Куманово 137 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид се хоспитализирани 95 пациенти, во Прилеп – 119, во ковид-центарот во Гостивар – 43, а во Струга – 14 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 65 пациенти, во Кочани и во Кичево по 28, во Кавадарци – 78, а во Гевгелија – 25 лица позитивни и суспектни на вирусот“, се вели во соопштението на Министерството, од каде што додаваат дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
И во скопските болници бројот на приеми во изминативе денови е зголемен и утрово до 8 часот имало 60 слободни места. Се очекува во текот на денот по направените исписи на оздравени пациенти да се ослободат и дополнителни места. Во изминатите 24 часа дома биле пуштени 46 опоравени пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја делови од Илинден и Кисела Вода
ЕВН извести дека денес без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.25 до 15.30 часот, корисниците од улиците број 10, 513, 517, 529 и 532, како и објектите на фабриката Хавеп и Агрома во село Марино. ( општина Илинден )
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, дел од корисниците од ул. Томе Арсовски и ул.474.( општина Кисела Вода )
Македонија
Апелација ја зголеми затворската казна за двајцата директори поради пожарот во модуларната болница во Тетово
Апелационен суд Гостивар ја преиначи пресудата за случајот со модуларната болница во Тетово и на двајцата обвинети им ја зголеми затворската казна од една и пол на по три години. Истовремено е зголемена и паричната казна што треба да ја плати обвинетото правно лице – ЈЗУ Клиничка болница Тетово.
Осудените директори Фљорин Бесими и Артан Етеми се огласени за виновни за кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“. Судот оцени дека изречените санкции соодветствуваат на тежината на делото и последиците.
Во пожарот во Модуларната болница во 2021 година загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти кои се лекувале од Ковид-19, и двајца роднини на хоспитализираните.
Македонија
Бугарија понуди мазут за Македонија, од Владата уверуваат дека не е потребна надворешна помош
Бугарија ѝ понудила на Македонија итни залихи на мазут, со цел да помогне во надминување на кризата во снабдувањето со електрична енергија, објави БНТ. Според бугарските медиуми, по проверка на залихите било утврдено дека земјата располага со доволни количини за сопствените потреби и може да ѝ помогне на Македонија во услови на кризна состојба во енергетиката.
Како што пренесува БНТ, понудата била дадена по телефонски разговор меѓу бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев и македонскиот министер Тимчо Муцунски, при што било нагласено дека помошта е израз на добрососедство и солидарност, со цел обезбедување енергетска безбедност и стабилност во регионот.
Од македонската Влада, пак, за Дојче Веле изјавиле дека државата засега не планира да ја прифати понудената помош. Според Владата, Македонија во моментов располага со доволни сопствени капацитети и не се наоѓа во состојба во која би имало потреба од ваков тип надворешна поддршка.
Владата на редовна владина седница донесе одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со електричната енергија на целата територија на државата во рок од 7 дена од денот на влегување во сила на оваа одлука. Како што информираа, оваа одлука произлегува поради неможноста за набавка на мазут кој е неопходен во делот на производството.
depositphotos

