Македонија
Потпишан договорот за финансирање на Центарот за развој на Пелагонискиот Плански Регион
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, денеска во Битола, во присуство на градоначалниците на Пелагонискиот Плански Регион, го потпиша договорот за финансирање на Центарот за развој на планскиот регион за тековната 2019 година.
Милевски истакна дека со договорот се утврдуваат активностите кои што Центарот за развој ќе ги реализира оваа година, а коишто произлегуваат од Програмата за развој на Пелагонискиот Плански Регион. За реализација на оперативните активности на Центарот, поддршката од Министерството за 2019 година е 1,2 милиони денари, и исто толку за реализација на проектите за развој на планскиот регион. Тој ги информираше присутните дека Министерството за локална самоуправа веќе ги има започнато активностите на експертско ниво за подготовка на измените на Законот за рамномерен регионален развој.
„Во изминатиот период не се постигнати очекуваните резултати, развојните разлики се големи, особено меѓу урбаните и руралните општини, додека нивото на услуги во некои населени места е под стандардите. Оваа состојба мора да се менува со ефикасни политики и брзи решенија“, истакна министерот.
Во Пелагонискиот Плански Регион, нагласи министерот, од буџетската програма за рамномерен регионален развој, годинава се финансираат 15 проекти во вкупна вредност од 48 милиони денари. 8 проекти се за развој на регионот, 3 за развој на селата и 4 проекти за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Регионалниот развој се поттикнува со средства од буџетот, но буџетот не треба да биде единствениот извор за финансирање на проектите. Сериозно треба да се смета и на ИПА-инструментот на Европската Унија, затоа што со членството на државата во макро регионалните Стратегии на Европската Унија, можностите се уште поголеми, рече министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Министерот Милевски најави ефективна соработка за решавање на прашањата кои се одразуваат на ефикасноста и на квалитетот на реализација на проектите и донесување сериозни одлуки за продолжување на процесот на децентрализација, на трансферот на нови надлежности и на финансиски средства.
Договори за финансирање ќе бидат потпишани со сите Центри за развој на планските региони за да не се доведе во прашање нивното тековно работење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

