Македонија
Потпишан меморандум за партнерство помеѓу универзитетските клиники на Македонија и Украина
Заменик-министерката д-р Маја Манолева, имаше чест да биде дел од третиот „Summit of First Ladies and Gentlemen“ што се одржа на 6 септември во Киев, Украина.
Под мотото „Спасување животи низ целиот свет“, на овој самит беа потпишани 25 меморандуми за партнерство помеѓу медицинските институции на Украина и различни земји од светот, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Д-р Манолева имаше свое онлајн учество на министерскиот состанок посветен на зајакнување на меѓународните партнерства во областа на здравството. Во името на Министерството за здравство на Република Северна Македонија, таа ја прифати изјавата за потпишување на меморандум за градење отпорни меѓународни здравствени партнерства, кои ги поддржуваат здравствените работници.
„Здравствени установи кои се приклучуваат кон меѓународно медицинско партнерство од нашата држава се Универзитетската клиника за психијатрија и Универзитетската клиника за ТОАРИЛУЦ. Верувам дека универзитетските клиники кои се приклучуваат на партнерството од нашата држава ќе дадат суштински придонес, имајќи ја предвид спецификата на нивната дејност, Клиниката за ТОАРИЛУЦ, со посебен фокус на трауматологија, ортопедија, анестезиологија и интензивно лекување со Ургентен центар, додека Клиниката за психијатрија во насока на унапредување на областа на менталното здравје“, истакна д-р Маја Манолева преку своето онлајн обраќање на самитот.
Колку за потсетување, Министерството за здравство на Република Северна Македонија уште од 2005 година има потпишано Спогодба за соработка со Министерството за здравство на Република Украина, што опфаќа соработка во областа на здравството и медицинските науки, со посебен фокус на размена на информации, искуства, како и размена на специјалисти од повеќе различни области.
„За време на нападите од Русија, во Украина беа оштетени 1427 здравствени установи, па затоа многу е важно Република Северна Македонија како солидарна држава да биде дел од пријателите што ќе помогнат и ќе дадат поддршка со здравствена опрема и помош за Украина. Покрај нашата држава, осум медицински установи во Франција станаа партнери на украинските болници, две медицински установи во Литванија, Латвија и Молдавија, како и водечки болници во Полска, Австрија, Данска, Естонија, Ирска, Шведска, Шпанија, Канада, Израел и Холандија. Украинските детски болници склучија партнерства со Данска, Холандија, Израел, Шпанија, Латвија, Полска и Франција. Установите за ментално здравје во Украина ќе соработуваат со Франција, Северна Македонија и Канада, а универзитетски и мултидисциплинарни болници – со Австрија, Ирска, Естонија, Северна Македонија и Молдавија“, објави Министерството.
„Ние како министерство за здравство ќе продолжиме да бидеме посветени на развивањето и унапредувањето на нашите меѓународни здравствени партнерства. Ова не е само потпис на меморандум, туку потпис на нашата непоколеблива решеност за одржување на животите и за обновување на здравствениот систем во Украина. Ние ќе продолжиме да соработуваме и да вложуваме во меѓународните здравствени односи како начин за поддршка на сите оние што им се потребни“, заклучи д-р Манолева на министерскиот состанок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

