Македонија
Потпишан протокол за соработка со Бугарија во борбата против трговијата со луѓе
Со Бугарија денеска беше потпишан протокол за заедничка соработка во областа на борбата против трговијата со луѓе.
На потпишувањето присуствуваше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој рече дека борбата пртив организираниот криминал не познава граници, што нè упатува на заедничка акција.
„Мигрантската криза со која се соочија нашите држави во изминатите години го зголеми ризикот од трговија со луѓе, при што согледавме дека се потребни дополнителни напори преку креирање на зајакнат билатерален и регионален пристап. Свесни сме дека единствено преку градење и имплементација на заеднички иницијативи ќе се создадат цврсти темели за добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување и доверба“, рече министерот Оливер Спасовски.
Протоколот за соработка помеѓу Владата на Република Бугарија и Владата на Република Северна Македонија во областа на борбата против трговијата со луѓе отвора нови можности за продлабочување на соработката во однос на превенцијата, идентификацијата и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.
„Со потпишување на протоколот јасно ја изразивме нашата подготвеност за интензивирање на размената на информациите во однос на превенцијата и борбата против трговијата со луѓе, како и за спроведување заеднички активности за идентификација на новите трендови за трговија со луѓе и креирање погодни механизми за соодветен одговор. Исто така, со овој протокол се отвораат можности за спроведувањето заеднички јавни кампањи за подигнување на свеста на јавноста за превенција на трговијата со луѓе, како и спроведување заеднички проекти, обуки и размена на искуства со цел јакнење на капацитетите за борба против трговија со луѓе“, рече Спасовски.
Покрај засилената регионална соработка, Република Северна Македонија настојува во континуитет да ги зајакнува и своите национални капацитети за борба против трговија со луѓе.
Вицепремиерот Каракачанов потенцира дека потпишувањето на протоколот е уште еден показател за добрососедските односи и истакна дека очекува наскоро добри вести за Република Северна Македонија, односно започнување на преговорите со Европската Унија.
„Република Северна Македонија има пријател и поддржувач во Република Бугарија“, рече Каракачанов.
Спасовски и Каракачанов ја потенцираа одличната соработка меѓу двете држави, која ќе продолжи и во наредниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

