Македонија
Починаа уште 3 лица од коронавирус во Македонија, новозаразени се 36 пацинети

Во изминатите 24 часа потврдени се 36 нови случаи на коронавирус во земјава. Според последните информации од Министерството за здравство починати се уште 3 лица, а 18 оздравеле.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две пациентки од Куманово и Крушево на возраст од 85 и 77 години, а денеска во евиденцијата на ИЈЗ е регистриран и еден починат пациент од Лабуништа (Струга) кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори, а бил ковид позитивен. Пациентот починал пред 3 дена, за што неговиот матичен лекар денеска го информирал Институтот за јавно здравје.
Денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби си заминаа 11 пациенти, 2 од болницата во Дебар, а регистрирани се и 5 оздравени пациенти (2 од Кочани и 3 од Скопје) кои се лекуваа во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.
Во изминатите 24 часа се потврдени 36 нови случаи на Ковид-19, од кои најмногу во Скопје-22, а потоа Куманово-4, Прилеп-3, Струга-3, Велес-3, Битола-1.
Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 1117. Според местото на живеење, досега се регистрирани случаи во: Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп –103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола –16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино -2.
Од Министерството за здравство информираат дека во изминатото деноноќие направени се 437 теста. Преку ИЈЗ –230, преку Ветеринарен ф-тет -20 , Авицена –22 , Биотек – 35 и Филип Втори (Жан Митрев) –130 . Досега во земјата се направени вкупно 10.859 тестирања на Ковид -19.
На Инфективната клиника во Скопје примени се 5 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 54. 18 пациенти се со на кислородна поддршка, а 5 пациенти се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 септември“ примени се 7 нови пациенти, од нив 1 веднаш е ставен на респиратор. Хоспитализирани се 37 пациенти, од кои 10 со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени вкупно 7 пациенти.
Во болницата во Битола се лекуваат 8 ковид позитивни пациенти, од кои 3 лица се повремено на кислородна поддршка, останатите се стабилни. Примени се 2 лица, со симптоми на вирусот на кои им е земен брис, а тие се сместени во изолација. На домашно лекување се следат 13 пациенти. Прв контролен брис е земен од 7 пациенти, 2 хоспитализирани и 5 кои се лекуваат во домашни услови.
Во штипската болница се хоспитализирани 8, а на домашно лекување се следат уште 19 пациенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.