Македонија
„Почнавме да го корнеме злото што го насади ДУИ, ја отвораме најрешителната офанзива против коцкарските картели“, велат од „Влен“
„Со усвојување на Предлог-законот за игрите на среќа од страна на Владата, ја отвораме најрешителната офанзива против коцкарските картели која со години ја претвораше сиромаштијата на Албанците во своја валута. Го наследивме општеството во кое секој агол, од селските улици до центарот на градовите беше обележан со светкави излози на казина и обложувалници. Над 7 000 VLT-апарати безмилосно им ги празнеа џебовите на нашите граѓани, додека претходната власт се колнеше во ‘економски развој’“, велат од „Влен“.
„Го прекинуваме тој порочен круг: со овој закон ќе се отстранат 4 000 апарати, со што коцкарската инфраструктура се намалува за најмалку 70%. Ова е само прв, но огромен чекор кон целосно прочистување на теренот.
Законот предвидува забрана на рекламирањето на коцкањето, нема повеќе агресивни спотови што го мамат младиот ум со блескави ветувања за „брза среќа“.
Казината и обложувалниците исчезнуваат од населбите каде што има млади луѓе. Околу секој образовен објект воспоставуваме заштитен појас од 500 метри за децата да стигнат до училишниот праг без да минат низ коцкарски коридор.
Ја затвораме вратата и за лакомите лиценци: од сега, нема повеќе една дозвола за бескрајни филијали. Даночните обврски и лиценцните такси драстично се зголемуваат, а секој обид за заобиколување на системот ќе завршува со конфискација и кривична одговорност.
Нашата борба не застанува на физичките адреси, ја прошируваме и на интернет. Досега блокиравме повеќе од 200 нелегални онлајн страници што тивко им се инфилтрираа во домовите на граѓаните, претворајќи го приватното секојдневие во казино без ѕидови.
Свесни сме дека коцкарските картели се добро организирани и опасни противници чии пипци не признаваат граници, ни политички, ни етнички, ни верски. Но решителноста на ВЛЕН е посилна. Оваа борба ја водиме за нашите семејства, за нашите деца и за иднината која им ја должиме.
Почнавме да ја уринавме империјата на коцкањето што ја градеше ДУИ врз бедата на народот.
Ова е почетокот на една нова ера во која „Влен“ ќе остане строго на своите позиции сè додека ракот на коцкањето не биде целосно искоренет од нашето општество“, се наведува во соопштението на „Влен“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Карпош и Кисела Вода
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 10.00 часот, корисниците од улицата Марко Крале лоцирани околу објектот бр. 51, општина Бутел;
– во периодот од 08.30 до 10.00 часот, корисниците од улицата Козле лоцирани позади фабриката Реплек, општина Карпош;
– во периодот од 08.35 до 11.00 часот, корисниците од улицата Радишанска, општина Бутел;
– во периодот од 12.00 до 16.00 часот, дел од корисниците од улицата 1439 во населба Пинтија, општина Кисела Вода.
Македонија
Без вода денеска дел од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување водоводен приклучок од ф – 100 мм – во близина на Макпетрол, без вода ќе останат корисниците од улицата Христо Татарчев лоцирани на потегот од улицата Народни Херои до улицата Франк Харкорд-Манинг, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата
Македонија
Следува период на стабилно време, дневната температура ќе биде во пораст
Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 2, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно време, освен во вторник кога кон крајот на денот претежно во североисточните делови ќе има услови за повремен локален дожд. Утрата ќе бидат постудени, а дневната температура ќе биде во пораст.

