Македонија
Почна да се гради клучката кај Момин Поток, проектот од 18 милиони евра ќе биде завршен во 2023 година
Почна реализацијата на уште еден голем инфраструктурен проект за Скопје – изведбата на клучката кај Момин Поток, која е една од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот. На почетокот на градежните работи се обрати градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
„Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од речиси 18 милиони евра, чија изведба ќе трае од 2 до 2,5 години. По својата комплексност се работи за најсложениот сообраќаен проект што Град Скопје го има изведувано од 1965 до денес, каде што сличен, но поедноставен проект за изведба беше тој на клучката кај хотелот ‘Континентал’, изградена пред 15-ина години. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег се предвидува изградба на 2 кружни тека, каде што првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот 8 Септември и улицата Скупи и вториот што треба да ја замени крстосницата на булеварот Никола Карев и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булеварот Словенија, каде што се поврзува со булеварот Словенија и со булеварот Босна и Херцеговина. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем“, рече Шилегов на денешната прес-конференција.
![]()
Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булеварот Словенија изнесува околу 1.600 метри. По должината на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД-булеварско осветление, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.
Проектот предвидува и изградба на 2 моста на реката Серава, која тече под оваа сообраќајница, како и изградба на натпатник во продолжение на булеварот 8 Септември, над булеварот Никола Карев, со распон од 42 метра, потпорни ѕидови со вкупна должина од 2.000 метри, атмосферска и фекална канализација. За непречено одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски натпатник над булеварот Никола Карев и 3 подземни пешачко-велосипедски премини во рамките на денивелираниот јазол на спојувањето на булеварот 8 Септември со булеварот Никола Карев.
„Сакам да нагласам дека во 2017 година рековме дека ќе работиме и ќе градиме по план. Во делот на сообраќајната инфраструктура во северниот дел од градот ги завршивме булеварите Никола Карев, Босна и Херцеговина и Христијан Тодоровски-Карпош и ако на тоа ја додадеме и оваа клучка и нејзиното поврзување со булеварот Словенија, сега веќе се гледаат резултатите од ваквото планско работење“, нагласи Шилегов.
![]()
Тој додаде дека создавањето инфраструктурни услови во северниот дел на градот неминовно води до намалување на притисокот на урбанизацијата во јужниот дел, која се случува повеќе децении наназад поради нерамномерниот развој на одредени делови од градот.
На прес-конференцијата премиерот Зоран Заев истакна дека Владата во континуитет работи на давање финансиска и политичка поддршка за проектите што се во насока на подобрување на животот на граѓаните. Владата тоа изминатиов период ќе го реализира преку 94 проекти во целата земја, каде што преку реализацијата на ТАВ-програмата се предвидени 49,7 милиони евра.
На денешната прес-конференција присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, и заменик-претседателот на Владата за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

