Македонија
Почна изборниот процес, гласаат 706 лица кои се во самоизолација
Денеска е првиот ден од тридневниот гласачки процес за предвремените парламентарни избори во Македонија, кои ќе завршат в среда.
Од Државната изборна комисија информираат дека први своето избирачко право ќе имаат можност да го остварат вкупно 706 избирачи кои се позитивни на Ковид-19 или во самоизолација, а кои се пријавиле да гласаат и нивната пријава била прифатена од општинските изборни комисии.
„Овие гласачи во текот на денешниот ден ќе бидат посетени во адресите каде што се пријавиле да гласаат од страна на посебните избирачки одбори“, информираат од ДИК.
Во овој изборен процес, гласањето ќе се спроведува во три дена, каде што различни категории гласачи ќе можат да го остварат своето право на глас.
Денеска правото на глас ќе можат да го реализираат гласачите кои се позитивни на Ковид-19 или кои се во самоизолација. Болните и немоќните ќе можат да го остварат своето право на глас утре, исто како и лицата кои се наоѓаат во казнено-поправни установи.
!Во текот на утрешниот ден ќе се спроведе гласање во 13 казнено-поправние установи, каде 1.657 гласачи ќе имаат можност да го остават своето право на глас. Во текот на утрешниот ден избирачките одбори ќе спроведат гласање на болни и немоќни, и лица кои се наоѓаат во куќен притвор, а вкупно такви има 8.852. Во Центарот за внатрешно раселени лица ќе гласаат шест граѓани“, информираат од ДИК.
Во 17 установи за вонсемејна грижа, правото на глас ќе можат да го остварат 357 гласачи.
Со право на глас на предвремените избори за пратеници во Собранието на Македонија во избирачкиот список се запишани вкупно 1.814.263.
За овој изборен процес, акредитирани се 96 странски и 2.508 домашни набљудувачи.
Од ДИК ги повикуваат граѓаните да го остварат своето гласачко право со заокружување на бројот пред опцијата што сакаат да ја изберат, без да ставаат други знаци на гласачкото ливче, бидејќи така тоа ќе се смета за неважечко.
Државната изборна комисија има отворено и броеви на кои граѓаните ќе можат да ги исконтактираат, а тоа е бесплатниот број: 0800 555 44 и бројот за видеоповици 076488360 за граѓаните со оштетен вид и слух.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Регионалниот систем за отпад е реалност
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, се обрати на настанот „Патеки за вештини и инклузија во секторот за цврст отпад“, организиран од канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Северна Македонија, кој се одржа во хотел „Холидеј Ин“ во Скопје.
Во своето обраќање, министерот Хоџа се осврна на системските политики во областа на управувањето со отпадот, нагласувајќи дека Регионалниот систем за управување со отпад веќе преминува од концепт во реалност.
„Многу важно е што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Ние веќе градиме инфраструктура што е основа на овој систем. Затоа, 2026-та е годината на реална промена. Ова значи крај на импровизациите“, истакна министерот Хоџа.
Тој потсети дека уште од почетокот на неговиот мандат управувањето со отпадот го поставил како еден од клучните приоритети, потенцирајќи дека се неопходни долгорочни и одржливи решенија.
„Немаме повеќе време за привремени решенија. Ни треба траен систем што ќе го штити здравјето на граѓаните. Во градењето на тој систем, од суштинско значење е да имаме работна сила и вештини соодветни на потребите“, нагласи Хоџа.
Министерот ја истакна и значајната улога на европските партнери во процесот на воспоставување одржлив систем за управување со отпад.
„Нашето партнерство со ЕБОР и Европската Унија не е формалност, туку алатка за решавање на реални, децениски проблеми. Управувањето со отпад денес не е само еколошка тема-тоа е економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда“, рече тој.
На крајот, Хоџа порача дека управувањето со отпад мора да стане извор на раст и иновација, наместо еколошки проблем, додавајќи дека зелената трансформација мора да се реализира на терен, преку изградба на современа инфраструктура, како единствен пат до почиста животна средина и подобар квалитет на живот за сите граѓани.
Македонија
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски, поднесе оставка
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денеска поднесе оставка, дознава „Дојче веле“.
Бислимоски утрово со писмо го информирал претседателот на Собранието дека се повлекува од фунцијата на која за првпат беше избран во јуни 2018 година.
Бислимоски во оставката не ги наведува причините за повлекувањето.
Како што наведува „Дојче веле“, одлуката не сака да ја коментира ни тој, ниту неговите соработници.
Македонија
Општина Центар продолжува со бесплатниот транспорт за лицата со попреченост
Општина Центар и Црвениот крст потпишаа договор за продолжување на соработката за користење на услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека станува збор за проект кој се покажа како значаен и корисен, и ги повика граѓаните кои имаат потреба од ваква услуга активно да ја користат.
„Со овој проект им го олеснуваме животот на лицата со попреченост. За реализација на услугата, Општина Центар издвои 500.000 денари од сопствениот буџет, со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните на кои тоа им е најпотребно“, посочи Герасимовски по средбата со претставниците на Црвениот крст.
Услугата подразбира бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот крст за лица над 18 години кои користат ортопедско помагало (инвалидска количка, дубак или одалка) и живеат на територијата на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка, односно неподвижна состојба.
Транспортот треба да се закаже минимум 24 часа однапред (од понеделник до петок) со телефонски повик на бројот на Црвениот крст. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник до една конкретна дестинација. Термините се закажуваат по принципот „прв дојден – прв услужен“, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот.
Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на една година, но доколку имаат потреба од повеќе, истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвениот крст на Република Северна Македонија.

