Македонија
Почна реконструкцијата на кејот, терасите на угостителските објекти ќе бидат унифицирани
Град Скопје денеска почна со реконструкција и уредување на кејот „13 Ноември“, на потегот од градскиот плоштад до улицата Стив Наумов.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, рече дека проектот е во вредност од 88,6 милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје.
„Тука предвидуваме целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, паметни клупи, канти за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветление и нови бетонски и електрични столбови за реализација на забраната за паркирање и движење по кејот ’13 Ноември’. Ослободуваме повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила имајќи предвид дека Градот има обврска кон ‘Телекомот’. Оваа сервисна улица ќе може да ја користат ограничен број возила, во временски интервали исклучиво од 8 до 9 часот наутро и од 14 до 17 часот, времето кога вработените влегуваат и излегуваат“, рече Шилегов.

На кејот, додаде тој, ќе се креира доволно простор за сите корисници – за граѓаните што го користат за прошетки, одмор и за релаксација, но и за бизнисите, што во најголем дел се угостителски објекти.
„Терасите што ќе ги користат угостителските објекти ќе бидат унифицирани и поставени на начин што ќе овозможи да дојде до израз прекрасниот двоен дрворед од повеќегодишни развиени дрвја. Дотурот на стока ќе се овозможи исклучиво во одредени часови преку Градскиот трговски центар, а со велосипеди преку кејот. Со тоа, конечно, ставаме ред на овој простор, ги спречуваме самоволието и хаосот од непрописно паркирани возила, кои последниве десетина години го правеше небезбедно движењето на пешаците, но и работењето на угостителските објекти“, рече тој.
Рокот за изведување на работите е четири месеци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

