Македонија
Почна самитот меѓу врвот на ЕУ и лидерите од Западен Балкан

Започна историскиот самит во Софија меѓу лидерите на 28-те земји членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Ова е најголемиот настан во рамките на бугарското претседателство со ЕУ, состанок во овој формат се случува првпат во последниве 15 години, пренесуваат бугарските медиуми.
Домаќинот на самитот, премиерот Бојко Борисов, лично ги поздрави лидерите на Франција, Германија и на Велика Британија. Главната тема на разговорите денес е поврзувањето на земјите од Западен Балкан и дигиталната безбедност.
Целта е да се подобрат односите меѓу Западен Балкан и ЕУ, како и меѓу земјите од регионот.
Пред почетокот на средбата бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, потсети дека има уште најмалку 12 отворени гранични прашања во регионот.
„Како се донесуваат одлуките во ЕУ – само врз основа на компромиси“, рекла Захариева, пренесуваат бугарските медиуми.
Захариева изрази надеж дека средбата во Софија ќе се споменува и по години по начинот на кој тоа се правело за форумот во Солун од 2003 година. Таа не сака да прогнозира колку нови членки ќе има ЕУ во следните 15 години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова: Хидробиолошкиот завод е првата линија на одбрана во борбата против климатските промени

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на свечената академија по повод 90-годишнината од основањето на Хидробиолошкиот завод – Охрид, најстарата македонска научно-истражувачка институција, формирана во 1935 година од академикот Синиша Станковиќ.
Таа ја истакна незаменливата улога на Заводот во проучувањето, заштитата и афирмацијата на Охридското Езеро, како и во зачувувањето на биолошката разновидност на Преспанското и Дојранското Езеро.
За неа, Хидробиолошкиот завод е жив сведок на човечката упорност и стремеж да се проникне во тајните на природата, обезбедувајќи генерациска мисија за зачувување на езерските екосистеми и истовремено создавајќи научна мисла со меѓународен углед.
Според неа, наш императив мора да биде да го сочуваме и да го одржуваме овој непроценлив животен ресурс. Нашите водени бисери: Охридското Езеро, Преспанското Езеро и Дојранското Езеро, се наше и светско наследство.
Таа укажа на неопходноста од зголемување на поддршката за Заводот, преку дополнителни инвестиции во опрема и кадровско доекипирање, бидејќи човечките ресурси се најсилниот капитал на институцијата.
Претседателката упати честитки до генерациите научници и вработени во Хидробиолошкиот завод за нивната пожртвуваност и посветеност, истакнувајќи дека нивната работа претставува најдобар пример за хармонија меѓу човекот и природата.
„Посакувам пастрмката да опстане во Охридското Езеро, Преспа да продолжи да биде дом на ретките птици, Дојран да го сочува рибарскиот дух, а вашиот Хидробиолошки завод да слави и по следните 90 години,“ порача претседателката.
Македонија
„Ќе изумреме како диносаурусите aко не се справиме заедно“ – Марковски и Белчева најавуваат решение за депонијата Вардариште

Во близина на депонијата Вардариште во Скопје, кандидатот за градоначалник проф. Д-р Горан Марковски и носителката на кандидатската листа за советници Јана Белчева Андреевска од граѓанската платформа „Независни заедно“ одржаа прес-конференција, откако граѓаните протестираа поради повторното горење на депонијата.
„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, изјави Марковски, додавајќи дека досегашниот проблем со Вардариште е резултат на недостиг на политичка волја, иако постојат стручни студии и акциски планови. Тој потенцира дека решението мора да биде стручно, вклучувајќи методи за собирање и користење на метанот од депонијата за производство на електрична енергија.
Белчева Андреевска нагласи дека реализацијата на усвоените стручни планови, како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште, модернизација на системите за гас и исцедок и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, ќе донесе видливи резултати. Таа додаде дека планот треба да вклучува затворање на дивите депонии, 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики, термални камери и дронови за откривање на нови истурања и жаришта, со интегрирани податоци и јавна отчетност.
„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина“, рече Белчева Андреевска.
Платформата „Независни заедно“ ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку општини во Скопје и има за цел враќање на локалната власт во рацете на граѓаните преку чесен, стручен и транспарентен пристап кон управувањето со јавниот интерес.
Македонија
Коњановски даде отчет за сработеното на повеќе од сто страници

На повеќе од сто страници градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски ги сумираше резултатите од работењето на локалната самоупорва под негово водство.
Со одговорност, транспарентност и посветеност во извештајот стои дека се реализирани стотици капитални и локални проекти, насочени кон подобрување на инфраструктурата, образованието, културата, спортот и социјалната заштита.
Меѓу поважните инвестиции се осветлувањето на Широк Сокак, изградбата на влезовите во градот од Охрид и Скопје, нови велосипедски патеки, нов парк во Нова Битола, поставување фотоволтаици во десет училишта, изградба на нови детски градинки, реконструкција и изградба на над 50 километри улици и патишта, урбано зазеленување, како и бројни спортски и рекреативни содржини.
Во извештајот се потенцира дека Општина Битола добила 707 милиони денари од Владата за реализација на 65 нови проекти, од кои 14 од 16 се веќе започнати. Со тоа, според Коњановски, се потврдува насоката кон одржлив развој и европски стандарди во функционирањето на општината.
„Овој отчет е доказ дека визијата, преку стратешко планирање и упорна работа, може да се претвори во конкретни дела. Битола чекори напред со проекти кои оставаат траен белег за идните генерации,“ рече градоначалникот Коњановски.
Документот со отчетот е прикачен на веб страницата на Општина Битола и достапен е за сите граѓани.