Македонија
Почнува грејната сезона
АД ЕСМ информира дека од денеска, 2 октомври, започнува грејната сезона за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје.
Иако грејната сезона официјално почнува на 15 октомври, регулативата предвидува почеток и порано доколку прогнозата за средна дневна температура е еднаква или пониска од 12˚C. Според Управата за хидрометеоролошки работи, за денеска е најавена средна температура од 10˚C, со што се исполнети условите за производство и испорака на топлинска енергија.
До 15 октомври, на веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува дали има услови за испорака на топлинска енергија за наредниот ден.
Од компанијата апелираат до корисниците да ги завршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации, а заедниците на сопственици да обезбедат пристап до потстаниците, редовно електрично напојување и платени сметки за струја. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи.
Сите потрошувачи можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Одлуката на САД не значи крај за туристичките визи и „Ворк енд травел“ програмата
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, појасни што значи одлуката на САД за стопирање на процесот на издавање на визи. Тој кажа дека се работи за пауза за постапки поврзани со иселенички визи.
„Не прекин, не црна листа, туку пауза, ќе напоменам за постапки за иселенички визи“, рече Муцунски.
Министерот појасни дека не е загрозено издавањето туристички визи, студентски визи како и визи во рамки на програмата „Ворк енд травел“.
„Ова не влијае на сите други постапки за издавање на визи за САД. Доколку сте стопанственик, слободно ќе можете да аплицирате за виза, доколку сте студент кој што сака да студира во САД или да оди на ‘Ворк енд травел’ ова значи дека нема никаква пречка за вас. Доколку сакате туристички да патувате, Светското првенство во фудбал ќе се одржи во САД, исто така, ќе може да патувате туристички“, рече Муцунски.
Тој порача дека јавноста во следните шест месеци дополнително позитивно ќе се изненади од тоа што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно, како што рече, да почнеме да затвораме прашања кои што 20 години се обидуваме да ги затвориме.
Македонија
Забранети дополнителни 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307 досега
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска потпиша налог за ограничување на пристапот до нелегални веб-страници и веб-апликации преку јавните електронски комуникациски мрежи, во случаи на нелегално приредување игри на среќа.
Со најновиот налог се опфатени дополнителни 33 нелегални веб-страници, што значи дека вкупниот број на досега опфатени (забранети) нелегални страници изнесува 307.
Налогот е доставен до Агенцијата за електронски комуникации, која е должна во рок од пет дена да го достави до операторите на електронски комуникациски мрежи за спроведување.
Министерството за дигитална трансформација ќе продолжи со континуирани мерки за сузбивање на нелегалното приредување игри на среќа на интернет, со цел заштита на граѓаните и безбедност во дигиталниот простор.
Македонија
Герасимовски: Поддршката за новороденчињата зголемена од 7.000 на 10.000 денари, инвестираме во нова градинка во Центар
Општина Центар ја зголемува финансиската поддршка за младите семејства и за пензионерите, информираше градоначалникот Горан Герасимовски.
„Еднократната парична помош за секое новороденче се зголемува од 7.000 на 10.000 денари“, изјави Герасимовски.
Со оваа мерка, Општина Центар продолжува со континуирана поддршка за семејствата со новородени деца. Финансиската помош ќе ја добијат сите семејства кои ги исполнуваат условите и се жители на општината.
Покрај директната финансиска поддршка, мерката овозможува и прецизна евиденција на бројот на новородени деца на годишно ниво, што претставува основа за следење на демографските движења во општината. Овие податоци се користат и за поефикасно планирање на капацитетите во детските градинки во Центар.
Дополнително, предвидени се капитални средства за изградба на нова детска градинка во близина на Клиничкиот центар, со капацитет за згрижување на околу 100 деца.
Во рамки на социјалните мерки, Општина Центар ја зголеми и еднократната парична помош за пензионерите со ниски примања, од 2.500 на 5.000 денари.
Истовремено, во тек се подготовки за изградба на дом за стари лица на територијата на Општина Центар.
Фото: Depositphotos

