Македонија
Почнува изградбата на стационарот за бездомни кучиња во Кавадарци

Почнува изградба на Стационар за бездомни кучиња, лоциран на територија на општина Кавадарци, со што се решава овој акутен проблем за 150 илјади граѓани во 9 општини од Вардарскиот плански регион.
Министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов изјави дека вкупниот буџет на проектот е 20.916.000 денари, а средствата за изградба на стационарот во вредност од 11,5 милиони денари ги обезбедува Министерството за локална самоуправа преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“.
Од вкупните средства, 9,5 милиони денари е поддршка од Швајцарската Влада која што се реализира во рамките на проектот.
Тој денеска беше на средба со градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев со кој дискутираше за одржливоста на проектот.
– Ја поздравувам иницијативноста на Општина Кавадарци и регионалниот пристап во решавањето на прашањето, кое што би требало да го следат и другите плански региони. Општините се тие кои што најдобро можат да направат проценка, да ги обезбедат сите услови и документи за градење и да понудат конкретни проекти, рече Пенов.
Постои Буџетска програма за рамномерен регионален развој од која што вакви проекти можат да бидат финансирани и во другите плански региони, а може да се обезбеди и донаторско учество како во конкретниот случај, преку Швајцарската Агенција за развој и соработка.
Со изградбата на стационарот ќе се обезбедат соодветни услови за континуирана грижа на бездомните кучиња преку изградба на централно прифатилиште, а ќе се зголеми и безбедноста на граѓаните.
Преку посебна веб платформа е предвидено да се олесни и начинот на пријавување на проблем од страна на граѓаните, а ќе се изработи и систем за следење и регистрација на бездомни кучиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, изразувајќи почит кон неговата улога како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.
Според неа, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција.
Сиљановска-Давкова му се заблагодари на Генералниот секретар на ОН за безрезервната поддршка на македонскиот пат кон ЕУ и за неговата позиција за потребата од забрзување на евроинтегративниот процес.
За претседателката, во интерес на ефективниот мултилатерализам, ОН треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главната арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030.
Нагласувајќи ја важноста на женското лидерство, таа укажа дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.
Македонија
Филипче: Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска од Аеродром изјави дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го доведоа Скопје до пропаст и го оставија главниот град во државата да тоне во хаос.
„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност и себичност ги оставија скопјани да тонат во ѓубре и хаос. Градот е вратен назад во развојот. Четири години, Мицкоски и неговата партија го блокираат Град Скопје, а денес се обидуваат да се оправдаат“, рече Филипче.
Во изјавата тој посочи дека за тоа што денес се случува со Скопје директно е одговорен Мицкоски, негова вина е што ниту една мерка и проект за главниот град не се реализираа.
„Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки. По налог на Мицкоски, речиси ниедна мерка, проект или набавка во Град Скопје не беше изгласана. Ова го потврдуваа и советниците на СДСМ кои, и како опозиција, конструктивно ги поддржуваа добрите предлози. Вината е кај Мицкоски”, изјави Филипче.
И на овие локални избори како што кажа Филипче, Мицкоски го нуди Орце Ѓорѓиевски како негов партиски послушник кој ќе работи според желбите на партискиот центар.
“Скопје е пред ризик од брутална партизација од ВМРО-ДПМНЕ, доколку граѓаните не ја препознаат измамата.Затоа повикувам на масовна поддршка за Каја Шукова – докажан професионалец и работник, независна и со голем интегритет. Таа има јасни, изводливи проекти, особено во хигиената и инфраструктурата, со кои Скопје ќе го врати својот сјај”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Утре облачно време, од петок дожд и заладување

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе има услови за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 16, а максималната ќе достигне од 25 до 30 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Од петок до почетокот на следната седмица под влијание на серија влажни воздушни маси времето ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 l/m²).
Во петок ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура значително ќе опадне (од 10 до 13 степени) во однос на денешната.