Македонија
Почнува попишувањето на иселениците, дипломатите, затворениците и бездомниците
Од денеска почнува првата фаза на пописот, со која ќе бидат опфатени дијаспората, армијата, дипломатските претставништва, бездомниците и затворениците. Попишувањето на дијаспората ќе трае до 21 април.
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, изјави дека целта на попишувањето на иселениците, покрај собирањето податоци, е да ги потсети дека, иако се иселиле, тие се дел од земјата од која потекнуваат. Симовски најави дека процесот ќе се одвива преку интернет-апликација достапна исклучиво од странство. Нејзиното користење, како што истакна Симовски, е едноставно.
„Процесот на самопопишување ќе се спроведува преку веб-апликација, која е многу едноставна и кориснички ориентирана, лесно достапна, што значи дека секој државјанин на Република Северна Македонија во странство ќе може лесно да ја пополни за многу кусо време, а единствениот услов е да се најави со својата имејл-адреса. Апликацијата е наменета исклучиво за самопопишување од странство, што значи пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен“, истакна директорот Симовски.
Според премиерот Зоран Заев, пописот е најважната и најголемата статистичка операција со која ќе се обезбедат податоци за креирање ефикасни јавни политики во државата.
„Процесот на преговорите со ЕУ почнува и со пописот, кој е од особена важност и наша обврска како држава кандидат за членство во ЕУ бидејќи токму поглавјето Статистика е едно од поглавјата од првиот кластер во преговорите. Со учеството во пописот секој граѓанин ќе даде свој личен придонес кон подобра иднина за сите нас. Тоа е наше задолжение, наша обврска кон државата, кон нас самите и кон нашите деца“, рече Заев.
Од друга страна, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, вчера истакна дека власта не е подготвена за да го спроведе пописот. Посочи дека во време на пандемија и без вакцини власта на мускули турка попис и го загрозува здравјето на граѓаните.
„ВМРО-ДПМНЕ отвори една граѓанска иницијатива за собирање потписи и последната информација е дека се собрани 100 илјади потписи. Тие се потписи против нерегуларен попис. Сите сме за да има статистички попис, но тоа не да биде политичка операција, во која владините функционери ќе се наддаваат со проценти“, рече Милошоски.
Националниот блок „Не отворам врата“ ги повика граѓаните да не ги пуштаат попишувачите дома бидејќи сметаат дека пописот ќе биде фалсификуван и е веќе договорен меѓу Заев и Ахмети.
Од друга страна, вицепремиерот, Артан Груби, на „Фејсбук“ ги повика иселениците Албанци да се мобилизираат и да се самопопишат во што поголем број.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

