Македонија
Почнува скрининг-процесот, Османи со 40 претставници заминува за Брисел

Со досега најголема делегација од над 40 претставници, денеска, главниот политички преговарач, Бујар Османи, заминува во Брисел. Европската комисија ќе го презентира првото поглавје од преговорите за правосудство и фундаментални права, Поглавјето 23, со што и формално почнува скрининг-процесот како подготовка за почеток на преговорите за полноправно членство во Европската Унија.
Делегацијата ќе брои над 40 претставници на преговарачката структура – поединци што доаѓаат најмногу од правосудниот и безбедносниот сегмент, претставници од Министерството за правда придружувани од министерката Рената Дескоска, но и од други ресори.
Во објаснувачкиот скрининг предвидено е да учествуваат над 1.000 луѓе, со што ќе се направи подготовка за втората фаза – билатералниот скрининг.
Поради потребата, сите да се вклучат во преговарачкиот процес, вицепремиерот Османи пред неколку дена соопшти дека Владата распишува оглас на кој може да се пријават сите заинтересирани што може да помогнат во преговарачкиот процес.
„Ќе ни биде потребна севкупната експертиза во Македонија. Експертиза која може да дојде од академската заедница, граѓанскиот сектор, како и секој сегмент од заинтересираната јавност. За таа цел денес објавуваме јавен повик за вклучување на секој заинтересиран, секој оној што смета дека може да придонесе во оваа фаза, секој оној што ќе се чувствува повикан да биде дел од преговарачкиот процес, соодветно да се пријави и да стане дел од нашиот регистар или база на податоци за надворешни експерти, кои може да бидат повикани во процесот на скрининг и преговори“, рече вицепремиерот Османи.
Посебниот советник на премиерот за евроинтеграции и главен технички преговарач, Бојан Маричиќ, ги охрабри сите заинтересирани да се пријават на огласот нагласувајќи дека е неопходно сите општествени сили да бидат вклучени во процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.