Македонија
Почнува учебната година, во клупите ќе седнат 177.800 основци и 67.200 средношколци
Новата учебна 2025-2026 година ќе ја започнат 245 илјади ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци. Настава ќе има до 10 јуни, а исклучок ќе бидат матурантите за кои редовните часови ќе траат до 15 мај.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека се обезбедени учебници за сите ученици, а за првпат по седум години ќе има и учебници по странските јазици.
Јаневска, исто така, информираше дека во повеќе училишта условите за настава се подобрени, а инклузијата е подигната со ангажирање на зголемен број образовни асистенти во основното и за првпат во средното образование. Учениците ќе се запознаваат со придобивките од вештачката интелигенција и ќе учат етички да ја користат за образовни цели.
„Втора учебна година по ред започнува со учебници за сите ученици. Целосно нови учебници има за седмо одделение во основното образование и за прва година во гимназиите, поради примената на нови наставни програми и најавувам дека овој процес на обнова на наставните содржини ќе има континуитет. За првпат после седум години, учениците ќе добијат и учебници по странски јазици – англиски, француски, германски и италијански јазик“, истакна вчера Јаневска, нагласувајќи дека сите се испечатени и над 90 проценти од тиражот е веќе испорачан.
Министерката информираше дека системски е решен предизвикот со учебниците кој се провлекуваше со години и дека повеќе нема предмети во основното образование без учебници, нема користење на учебници без склучени договори и регулирани авторски права и нема доцнење на испораката со месеци.
Освен 1.346 образовни асистенти во основните училишта, Јаневска информираше дека за првпат, образовна асистенција ќе добијат и средношколците со посебни образовни потреби, а нив ќе им помагаат 130 образовни асистенти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Владата на Заев и Филипче донела спорен правилник, подзаконскиот акт за канабис е во судир со законот, кој и колку профитирал од бизнисот со канабис“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Зоран Заев и Венко Филипче имале за цел Македонија да ја претворат во светска туристичка атракција за канабис. СДС на чело со Зоран Заев и Венко Филипче го злоупотребиле процесот за регулирање на медицинскиот канабис Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2020 година Заев и Филипче смислиле план за како енормно да заработат од бизнисот со марихуаната и сакаа целосно да ја легализираат но тоа не им помина. Затоа лиценците за одгледување на медицински канабис биле резервирани исклучиво за луѓе блиски до кланот Заеви и Филипче. Обичните граѓани и компании немале никаква шанса да добијат дозвола.
Поради фаворизирањето на тоа кој ќе добие лиценци, Струмичкиот регион се претвори во центар за производство на марихуана за медицински цели.
Доказ за тоа дека се било смислено однапред е подзаконскиот акт на правилникот за одгледување на канабис за медицински цели, донесен во време на СДС каде постои неусогласеност, затоа што се дозволува да се произведува цвет од канабис кој не ги задоволува ГМП нормите.
Производството на канабис кој не ги исполнува ГМП нормите го прави маслото од канабис нелегално за лиценцирање и промет.
Токму поради сето ова се отвора сомнеж за криминални мотиви. Со ваквиот начин на производство и складирање се отвора сомнеж дека канабисот бил за продажба на црниот пазар.
Зошто е направен подзаконски акт кој е во колизија со законот и со самото тоа овој процес е незаконски? Дали на Заев и Филипче целта им била продавање на канабис на црниот пазар? Дали Заев и Филипче ја туркале промената на правилникот?
Јавното обвинителство мора да интервенира итно. Граѓаните заслужуваат правда и одговорност за незаконското работење на овој картел.
Време е Заев и Филипче да одговорат пред законот и јавноста. Ниту еден привилегиран апликант, ниту еден нелегален процес, не смее да остане без казна“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

