Македонија
Почувствуван земјотрес во Скопје
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани на нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, утринава во 5.49 часот регистрираше земјотрес, чиј епицентар припаѓа на скопското епицентрално подрачје со Рихтерова локална магнитуда ML 2.2.
Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и околината со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Економијата е во слободен пад, СДСМ нуди три политики за повеќе пари кај граѓаните, вели Кузеска
„Економските показатели покажуваат дека македонската економија е во слободен пад само после 5 месеци власт на Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ. Платите не се зголемуваат, власта се откажа од политиките кои со години значеа постојан раст на платите во сите сектори. Просечната плата во земјава се намали за 1.000 денари“, изјави Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Растот на цените на храната и на основните производи продолжува, граѓаните се борат со тешкото секојдневие и имаат се помалку пари во семејните буџети. Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат пад и на индустријата. Во месец септември индустриското производство бележи пад од 7,9% во однос на истиот месец лани.
И прогнозите на Светска банка за економијата се лоши, очекуваниот економски раст од 2,5 проценти, според оваа меѓународна институција ќе биде едвај 1,8 отсто.
Сето она што со години е градено за да создаде економски раст и развој Мицкоски и ДПМНЕ го срушија за само 5 месеци.
Овој пад на економијата се случува во услови кога власта значително го зголемува долгот врз грбот на граѓаните.
Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ нема план а се покажува дека нема ниту капацитет за да ја развива економијата на државата.
СДСМ нуди три политики за повеќе пари кај граѓаните. Се грижевме за граѓаните кога бевме на власт, продолжуваме и во опозиција.
– Зголемување на минималната плата на 450 евра веднаш.
– Укинување на ДДВ за храната што ќе значи заштеда до 2.000 денари за секое семејство.
– Итна примена на законот за нефер трговски практики за спречување на раст на цените.
Власта не треба води инает туку да ги прифати овие решенија затоа што се добри за граѓаните.
Со законите на СДСМ, секое семејство ќе има повеќе пари во семејниот буџет“, соопшти Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Македонија
(Видео) Милиони евра народни пари се трошени на сомнителен начин, што криеле СДС и ДУИ, праша Петрушевски
„ДЗР во Ревизија за 2023 година, на министерството за финансии и буџетските трошења констатира низа нерегуларности. Власта на СДС и ДУИ крајно нетранспарентно ги трошела народните пари. Милиони евра народни пари се трошени на сомнителен начин“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ревизорот констатира дека власта на СДС и ДУИ не ги објавувала одлуките за одобрување на средства од раздел МФ – функции на државата во службено гласило.
Што криеле СДС и ДУИ? Со СДС и ДУИ јавните финансии се управувани недомаќински и неодговорно. Граѓаните не знаеле каде одат нивните пари. 7 години се трошени цели буџети, а ништо не е мрднато од мртва точка.
Неспособноста заврши со СДС и ДУИ. Следува економска трансформација на Македонија“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Фото) На 30 локации во државата се доделуваат ваучери за купување инвертер-клими
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека во добар ред и согласно предвидената динамика започна доделувањето на вредносни ваучери за домаќинства за купување и поставување на инвертер клима-уреди. Денеска, навремено беа отворени сите 30 локации низ државата, кои се предвидени за полесно и поефикасно доделување на ваучерите.
Локациите се достапни за граѓаните од 9 до 17 часот, при што може да ги подигнат ваучерите. Министерството ги извести добитниците на ваучерите преку медиумите, веб-страницата на Министерството и преку СМС-пораки дека доделувањето се одвива по следниов распоред:
• Скопје – СЦ „Борис Трајковски“ од 9 до 17 часот
• Битола – Спортска сала „Боро Чурлески“ од 9 до 17 часот
Во останатите градови, подигнувањето на ваучерите е организирано во центрите за вработување, за што Министерството склучи меморандум за соработка со Агенцијата за вработување на Република Македонија.
Министерството изразува задоволство од големиот интерес на граѓаните и тоа што голем број од добиниците пристигнуваат да ги подигнат своите ваучери. Процесот тече непречено, благодарение на ангажирањето на сите расположливи капацитети и кадар на Министерството за ефикасно, брзо и адекватно доделување на ваучерите.
Министерството внимателно го следи процесот и во оваа прилика сака да ја информира јавноста дека и во текот на утрешниот ден ќе има доделување на ваучери на истите локации во Скопје и Битола. За граѓаните кои нема да можат да ги подигнат ваучерите, обезбедена е дополнителна флексибилност – тие ќе можат да ги подигнат ваучерите до крајот на месецот во просториите на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.